Протести пред Собранието

Со извици „никогаш Северна“, со македонски патриотски песни, со новото (официјално) и со старото македонско знаме, денеска точно напладне започнаа протестите пред Собранието против францускиот предлог кој е на дневен ред на пленарна седница пред пратениците.

Додека се чека обраќањето на шефицата на ЕК, Урсула фон дер Лајен, и пред почетокот на пленарната седница, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од Левица како што најавија, и денеска ќе ги поддржат протестите под мотото „Ултиматум-не благодарам“ и ќе порачаат Владата да го отфрли предлогот кој според нив е штетен и води кон бугаризација.

Од СДСМ, пак, порачуваат дека Собранието е пред важна одлука за иднината на државата и продолжување на европскиот пат.

„Време е за одлука. Преку усвојување соодветни заклучоци, кои ќе бидат задолжителни за сегашната но и за секоја идна Влада да се обезбеди европскиот пат на земјата и безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, за кои во ниту еден момент не се преговара.Сите пратеници да се вклучат во процесот на носењето на заклучоците, да дадат свој придонес за Собранието да го продолжи европскиот пат“ – велат од СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ најавија дека ќе го разобличат предлогот со аргументи.

„Ковачевски низ собрание турка известување. Тоа што денес ги тера да гласаат пратениците од СДСМ е обична информација. СДСМ нема мнозинство да го промени Уставот и да ја бугаризира државата. ВМРО-ДПМНЕ е пречка за промена на Уставот и нема да поддржи ништо што е на штета на Македонските национални интереси“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Обраќањето на Фон дер Лајен е закажано за 13 часот, а половина час подоцна ќе започне и собраниската седница.