Утре бугарскиот претседател на нови консултации со партиите, денеска ГЕРБ му го вратија мандатот

Опозициската пратеничката група во Бугарија, ГЕРБ-СДС нема да го користи мандат за формирање на нова Влада и нема да предложи кандидат за премиер.

Ова денеска го изјави координаторката на пратеничката група – Десислава Атанасова, на средбата кај претседателот на Бугарија, Румен Радев.

Претседателот Радев изјави дека ја почитува одлуката на ГЕРБ да не го искористи правото за формирање Влада.

„Вие ја најавивте оваа ваша одлука, но во парламентарната република партиите застапени во парламентот се одговорни за формирање владејачкото мнозинство“, рече тој, пренесуваат бугарските медиуми.

Тој посочи дека без разлика дали се во власта или во опозиција, сите партии застапени во Парламентот имаат своја одговорност да најдат излез од кризите кои се продлабочуваат – инфлација, здравствена, социјална.

Радев посочи дека од утре ќе почне консултации со партиите застапени во Собранието за излез од политичката криза.

„Сакам да ги слушнам партиите како тие гледаат на кризата и какви решенија предлагаат за излез од кризата, какви можности гледаат за коалициските разговори да се бара мнозинство во овој парламент, кои приоритети и програми можат да бараат обединување за да одлучам кому да му го доделам мандатот“, рече бугарскиот претседател.