Заврши протестниот марш против францускиот предлог

Не за францускиот предлог и за ултиматуми, не за менување историја и на учебници, се дел од пораките од протестниот марш под мотото „Ултиматум, не благодарам“ што вечерва заврши пред Собранието на Република Северна Македонија. Пред Парламентот некои од учесниците во протестот поставија шатори и најавија дека ноќта ќе ја поминат таму.

Протестот почна пред Владата, продолжи кон Министерството за надворешни работи, по што учесниците во протестот се упатија пред Собранието. Демонстрантите ги повикаа сите млади да се приклучат на протестите и порачаа дека младите нема немо да стојат и да бидат, како што рекоа, неми набљудувачи.

– Активно ќе бидеме вклучени, да кажеме НЕ на францускиот предлог. Ние младите ќе бидеме водачи на овие процеси, порачаа на вечерашниот протест.

На протестниот марш беа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и членови од оваа партија. Демонстрантите на денешниот, десетти по ред, протест против францускиот предлог донесоа мисирка врзана на автомобил и поставија и гилотина.

Утре, како што беше најавено вечерва, протестот ќе се одржи во 13.30 часот, пред почетокот на собраниската седница, на која ќе се расправа за Информација за содржината на Предлог преговарачката рамка.