Бугарија од приемот во ЕУ досега добила 11 милијарди евра неповратни средства

Соседна Бугарија од влезот во ЕУ во 2007 година заклучно со 15 јуни годинава добила 22 милијарди лева (11 милијарди евра) од европските фондови неповратни средства, покажуваат податоците на невладиниот Институт за пазарна економија.

Според анализата на економистот од организацијата Адријан Николов, тоа е сумата на сите пари исплатени за проекти финансирани од структурните и кохезионите фондови на ЕУ од почетокот на 2007 година, вклучувајќи ја и помошта за бизнисите во текот на Ковид-кризата вклучени во системот ИСУН.

Најголем дел од нив се во Софија, над 5,1 милијарди лева (2,6 милијарди евра). Потоа се Пловдив со над 1,2 милијарди лева (600 милиони евра), Благоевград 1,1 милијарда лева (550 милиони евра) и Бургас 943 милиони лева (480 милиони евра).

Најмалку искористени средства има во областите Перник, Тарговиште и Ќустендил, околу 160 милиони лева (80 милиони евра).

Поголемиот износ на потрошени европски средства главно се одразува во присуството на проекти во инфраструктурата – метрото во Софија, изградбата на патишта и автопатишта, брани, водени циклуси, кои по својата природа бараат повеќе средства.

Исплатените средства достигнуваат 3.229 лева (1.610 евра) по лице од населението во Бугарија, највисоко е во Софија 3.972 лева (речиси 2.000 евра), потоа Габрово 3.836 лева (1.915 евра), Благоевград 3.814 лева (1.900 евра) и 1.3.169 лева (1580 евра). Со просек за Бугарија од 3.229 лева (1.610 евра) по глава на жител, седум општини добија над 5.000 лева (2.500 евра) – Добрич, Свиленград, Костинброд, Белен, Приморско, Бјала кај Варна и Созопол. Има 95 општини кои успеале да привлечат помалку од илјада лева по лице, а најмалку средства се исплатени во општина Дулово и Добричка – под 200 лева по лице од населението.