Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со претседателот на Европскиот совет на ЕУ – Шарл Мишел најави дека, покрај францускиот предлог, ќе биде објавен и Протоколот за спроведувањето на ДОговорот за добрососедство со Бугарија.
„Францускиот предлог е предлог во кој се вклучени нашите забелешки и јасни ставови, ќе биде објавен и билатералниот протокол со Република Бугарија. Протоколот не е нотиран во преговарачката рамкја, тој е билатерален документ кој не е дел од европскиот пакет. Тие само временски коинцидираат.“, рече Ковачевски.
Тој пред Мишел рече дека преговорите со ЕУ ќе започнат со задржани црвени линии и со чист македонски јазик.
„Овој предлог е основа за напредок и обезбедување на она што цели 17 години го чекаме. Предлогот е во целосна согласност со Резолуцијата за нашите позиции во спорот со Бугарија. Од нас зависи одлуката за иднината на државата и граѓаните, кои заслужуваат да живеат по европски стандарди. Македонскиот народ ниту некој успеал да го асимилира, ниту некогаш ќе се случи да го модифицира. Ќе имаме време за затворање на отворените прашања со соседите, се додека тие не бидат праведни за двете страни. Сега е дојден моментот кога ќе ја оставиме дневната политика и да постапиме државнички и одговорно и доследно да се држиме до позициите во секој поглед“, наведе Ковачевски.
Со изменетиот, прецизиран, дополнет француски предлог го добивме она за што со години се бориме – рече Ковачевски.
„Во европскиот предлог имаме дефинирани позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик. Оваа прилика би сакал да ја искористам и да повторам дека македонскиот јазик, во предлогот е апсолутно чист и еднаков со другите јазици на Европската Унија без никакви фусноти, дообјаснувања и ѕвездички. Исполнета е клучната позиција, државната, која беше најважна за нас и на која останавме доследни“ – рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека со овој предлог сите шпекулации кои алудираат на спротивносто се лажни и невистинити.
„Ние, Македонците сме горди на својата историја, горди сме на својот јазик, горди сме на својот идентитет со сите негови аспекти. Македонскиот народ ниту некој успеал досега да го асимилира, ниту го асимилирал, ниту некогаш ќе се случи да го асимилира. И тоа е факт“ – рече Ковачевски.