Ѓукановиќ ветил дека ќе се повлече од политиката, ама под негови услови

Мило Ѓукановиќ – претседателот на Црна Гора се договорил со водечките лидери на ЕУ, поточно им дал ветување дека ќе се повлече од политичкиот живот под услов да му биде дозволено да го направи тоа како што тој замислил. односно на негов начин, пишува црногорски „Вијести”.

„Ѓукановиќ стави до знаење дека тој, доколку е пречка за побрза европска интеграција на Црна Гора, е подготвен да направи чекор назад и да се повлече од власта, но побара да му се дозволи достоинствено да се повлече од политичката сцена и на свој начин. Од клучните фигури во ЕУ, Ѓукановиќ доби поддршка за таквиот чин, а доколку остане на зборот, тоа ќе биде целосно фер решение за ЕУ” – изјавил за весникот извор од една од водечките земји-членки на ЕУ.

Оттаму наведуваат дека претседателот Ѓукановиќ во последно време бил поконструктивен од кога било кога е во прашање европскиот пат на Црна Гора.

Тврдењата дека ЕУ побарала од него да се повлече од политичката сцена затоа што е пречка за евроинтеграциите ги објавуваа и претходно медиумите, што Ѓукановиќ негираше со оценка дека сам ќе одлучи дали и кога ќе се повлече.