Полицијата во САД соопшти дека го уапсила Роберт Е. Крајмо, осомничен за вчерашната пукотница во предградието на Чикаго – Хајланд Парк при што беа убиени шест, а ранети повеќе од 36 лица.
Според информациите, Крајмо од покривот на зграда отворил оган од огнено оружје врз собраните на парадата по повод Денот на независноста.
Според полициското соопштение, припадниците на органите на редот го опколиле автомобилот на осомничениот, кој со кренати раце излегол од возилото. Тој е приведен, а против него ќе биде покренато обвинение, се наведува во полициското соопштение без да се дадат детали околу мотивите за нападот.
Повеќето од 36 лица повредени од нападот се со прострелни рани од огнено оружје. Дваесет и шест ранети лица на возраст меѓу осум и 85 години се префрлени во болницата во Хајланд Парк.
Вчерашниот инцидент се случи додека кај Американците се уште се свежи сеќавањата на неколкуте оружени напади од неодамна, пред се на масакрот во основното училиште во Увалде-Тексас во кој беа убиени дваесеттина лица, како и десеттината жртви во нападот во супермаркет во градот Бафало во сојузната држава Њујорк.