Стевановиќ: Порастот на ковид случаите е поради малиот процент вакцинирани

„Зголемувањето на ковид позитивните пациенти периодов се должи на зголемената раздвиженост, мал процент на вакцинирани против коронавирусот и опаѓање на имунитетот“ изјави за државната МИА директорката на Универзитетска Клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби – Милена Стевановиќ.

Таа информираше дека во моментв се хоспитализирани десет пациенти на Инфективната клиника и само неколку се со тешка клиничка слика.

„Тоа што може да се забележи е дека за разлика од претходните денови, сега има по 20 пациенти дневно за преглед“ – вели Стевановиќ.

Апелот на директорката е дека е потребно се зголеми процентот на вакцинирани лица, бидејќи повеќе од јасно е дека вакцините даваат заштита и полесна клиничка слика доколку се дојде во контакт со вирусот.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје, во период од 1 до 3 јули, од 1.695 тестирања, регистрирани се 290 нови случаи на КОВИД-19, од кои најмногу се од Скопје-186.

Од вкупниот број позитивни лица, 49 се реинфекции. Оздравени се 250 пациенти, а не е пријавено ниту едно починато лице.

Во моментов, активни се 935 случаи на коронавирусот. Согласно податоците од ИЈЗ, најголем број од активните случаи се во главниот град, и тоа 536, потоа во Битола – 59 и 42 во Куманово. Без ниту еден активен случај се Валандово, Кратово, Демир Капија, Македонска Каменица, Пехчево и Дојран.

Препораките од Комисијата за заразни болести остануваат исти како и досега.