Зијадин Села – лидерот на Алијанса на Албанците денеска по средбата со премиерот Димитар Ковачевски рече дека тој и неговата партија го поддржуваат францускиот предлог.
„Патот кон ЕУ оди преку преговори кои треба да се постигнат со земјите на ЕУ. Нема двоумење, Алијанса е важна на овие линии, ние сме главни чинители кои ги почнавме овие промени за да бидеме денес членка на НАТО Алијансата, за да бидеме побезбедни во оваа криза во Украина, затоа и зачленувањето на Македонија во ЕУ има геополитичко значење. Затоа политичарите треба помалку да размислуваат за политички поени, туку да размислуваат за регионот да биде постабилен“ – рече Села.
Села рече дека сега ги разбираат и нив Албанците како им било со албанскиот јазик.
„Кога ќе се отвори Уставот, треба да се корегира и да стои албански јазик а не дефиниција ‘јазик што го зборуваат повеќе 20 отсто од населението’. Добро би било да се третира и ова. Алијанса на Албанците ќе инсистира на ова. Апелирам и ДУИ да се позанимаваат за промена на оваа дефиниција, бидејќи колку што ги сфаќам Македонците сега се работи за нивното достоинство, па треба да имаат и тие разбирање за достоинството на Албанците“, рече Села.
Денеска и движењето БЕСА уште еднаш потврди дека ќе го прифатат секој предлог што го отвора патот за интеграција во ЕУ и дека истиот нема да им наштети на интересите на Албанците во земјата, соопштија од БЕСА. Оттаму истакнуваат дека тие будно ја следат актуелната политичка состојба во земјава, особено во насока на деблокирање на евроинтегративниот процес на земјата по францускиот предлог и нагласуваат дека интеграцијата на земјата во Европската Унија е единствената опција без друга алтернатива за иднината на Северна Македонија.
Со оглед на тоа што францускиот предлог опфаќа отворање на Уставот и внесување на измени, од БЕСА нагласуваат дека тој момент може да се искористи и за уште една корекција на највисокиот акт во државата.
„Исто така, бидејќи францускиот предлог сам по себе подразбира уставни промени, ние, за да покажеме политичка конзистентност од последното отворање на уставот, ќе побараме терминологијата „јазик што го зборуваат повеќе од 20% од населението” да се коригира во Уставот и да се замени со терминот „албански јазик” – велат од БЕСА.