СДСМ поднесе интерпелација за Трајко Славески за Алта банка

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, соопшти дека СДСМ поднесе интерпелација до Собранието за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради скандалот со Алта банка и сериозните сомнежи и отворени прашања за начинот на кој оваа банка влезе на македонскиот финансиски пазар.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, соопшти дека СДСМ поднесе интерпелација до Собранието за гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поради скандалот со Алта банка и сериозните сомнежи и отворени прашања за начинот на кој оваа банка влезе на македонскиот финансиски пазар.

Филипче посочи дека по поднесените кривични пријави, неопходно е да се утврди и политичка одговорност за постапувањето на гувернерот, кој сè уште нема дадено одговори на клучните прашања за овој скандал.

„СДСМ поднесува интерпелација за гувернерот Трајко Славески во Собранието. После веќе поднесените кривични пријави, во контекст на што го повикувам обвинителството тоа сериозно да го разгледа, сметаме дека треба да има и политичка одговорност за работата на гувернерот Трајко Славески по повеќе основи. Немаше соодветни ниту логични одговори на Надзорната расправа, нема сè уште одговори од негова страна и на прашањата кои што на овој начин во јавност ги поставуваме“, рече Филипче.

Филипче посочи дека Славески мора да одговори како дозволил влез на Алта банка на македонскиот финансиски пазар, како бил проверен кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура, кој е осомничен за криминал во Србија, и дали биле проверени тековите на парите.

„Како дозволи влез на Алта банка на нашиот финансиски пазар? Како дозволи влез на банката за која што година дена наназад предупредуваме дека е криминална банка, банка во која што се перат пари од криминалниот режим на Вучиќ кој што падна, банка во која што сите српски медиуми укажуваа дека е балканската пералница на пари. На кој начин го проверија кредибилитетот на сопственикот Давор Мацура, кој е сега осомничен за криминал во Србија? На кој начин и дали го проверија потеклото на парите за кои што сега во Србија се истражува дека дури и физички не постоеле, туку дека биле наводно лажни пари во сефовите а дека вистинските биле носени надвор и дека во таа криминална шема освен српската банка се вмешани и ланецот на менувачници со кои што раководи Давор Мацура, единствена банка која што се создала и етаблирала од менувачници. Нема ваква пракса во светот освен во земјите во Јужна Америка каде што се шверцува дрога, ама тоа не е чудно затоа што ова банка е осомничена дека шверцувала дрога и перела пари“, рече Филипче.

Филипче го отвори и прашање за улогата на премиерот Христијан Мицкоски во целиот случај, откако самиот гувернер призна дека се консултирал со него пред влезот на банката на македонскиот пазар.

„Трајко Славески ќе треба да одговори и за тоа што зборува со премиерот Христијан Мицкоски. Како тоа се консултирал и кои се надлежностите на Христијан Мицкоски официјално во делот на влегување на некоја банка, посебно на ваква криминална кај нас? Што му кажал кога се слушнале? Трајко Славески самиот кажа, се слушнав и се консултирал со премиерот кога Алта банка требаше да влезе на нашиот финансиски пазар“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ предупреди дека со ваквото постапување се загрозени парите на граѓаните, компаниите и државните институции, а сериозно е нарушен и интегритетот на Народната банка како независна институција.

„Сето ова го допира прво интегритетот на Народната банка, не може Трајко Славески да се поигрува со оваа сериозна институција, на тој начин што ќе донесе ваква криминална банка кај нас, да се загрози стабилноста на финансискиот сектор и финансиите, парите на граѓаните кои што сега не можат да стигнат до тие средства“, рече Филипче.