
(ВИДЕО) Димушевска: Необезбедувањето заштита на жртва на насилство е структурна неправда
➡ Треба да ја сфатиме сериозноста на родово базираното насилство. Мојот впечаток е дека можеби не му се дава доволно важност колку што треба да му се даде од оние коишто имаат моќ да направат промена. Протести, реакции од граѓански организации, од граѓански активисти и генерално од народот има, но оние коишто можат да ја направат промената, некако како само декларативно да ги даваат изјави - ќе ставиме крај на насилството, ќе ги казниме сторителите, но не гледаме дека сторителите се казнуваат.➡ Ако ја разбереме сериозноста на насилството и последиците од истото, итната реакција е неопходна. Итна реакција на сите нивоа - на ниво на полиција, на ниво на центар, на ниво на Јавно обвинителство и суд. Итна реакција од Министерството за финансии, од министерката, коешто ќе покаже дека навистина оваа владејачка структура ќе работи и сака да стави крај на насилството, така што ќе предвиди соодветни средства.➡ Ова што ние сега го гледаме, пријавите на насилство, статистиката, бројот, тоа е еден многу мал процент. Едно истражување, иако направено пред веќе шест години од ОБСЕ, но најрелевантно досега направено истражување, покажува дека само 2% од најсериозните инциденти на насилство жртвите ги пријавуваат. Значи ова што го гледаме е 2%, смета Димушевска.➡ Недовербата и стравот дали навистина ќе биде обезбедена помошта и поддршката којашто и е потребна постои, и тој страв е апсолутно оправдан, затоа што и најдобриот социјален работник, и најдобриот инспектор за семејно насилство, ако нема ресурс не може да ја обезбеди заштитата. ➡ Според неа необезбедувањето заштита на жртва на насилство е структурна неправда. Дава порака за едно општество коешто толерира насилство. Кога на ова општество му е поважно да го заштити, или на институциите им е поважно да го заштитат угледот на насилникот, наместо да обезбедат безбедност и да осигураат безбедност за жртвата, тогаш секако дека зборуваме за неправда. Значи даваме важност на една категорија на луѓе врз друга, смета Димушевска.
„Треба да ја сфатиме сериозноста на родово базираното насилство. Мојот впечаток е дека можеби не му се дава доволно важност колку што треба да му се даде од оние коишто имаат моќ да направат промена. Протести, реакции од граѓански организации, од граѓански активисти и генерално од народот има, но оние коишто можат да ја направат промената, некако како само декларативно да ги даваат изјави – ќе ставиме крај на насилството, ќе ги казниме сторителите, но не гледаме дека сторителите се казнуваат. Не гледаме дека оние коишто ги прават пропустите во институциите сносат одговорност за истото, а од друга страна гледаме дека се повеќе и повеќе жени се охрабруваат да пријават.
-Значи она што се работело во годините наназад довело до некаков резултат, насилството се пријавува, но како да оние што треба да слушнат не ја слушаат пораката“, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Димушевска вели дека проблемот е во итната реакција.
„Ако ја разбереме сериозноста на насилството и последиците од истото, итната реакција е неопходна. Итна реакција на сите нивоа – на ниво на полиција, на ниво на центар, на ниво на Јавно обвинителство и суд. Итна реакција од Министерството за финансии, од министерката, коешто ќе покаже дека навистина оваа владејачка структура ќе работи и сака да стави крај на насилството, така што ќе предвиди соодветни средства. Знаете, ние имаме борба за постапување, бараме итно постапување, бараме професионалците да си ја завршат работата, но дали се прашуваме колку се тие на број.
-Дали со овој обем на насилство коешто постои во нашата држава, може тие професионалци во моментот да ги задоволат потребите на сите жртви? Викаме дека треба да се направи детална и сеопфатна процена на ризик, да се прашаме дали се сите тие соодветно обучени да ја направат таа детална и сеопфатна процена на ризик. Дали ако се направи процената на ризик од страна на социјална работа, и се утврди висок ризик по животот на жртвата, дали имаат каде да ја сместат?
-Ова што ние сега го гледаме, пријавите на насилство, статистиката, бројот, тоа е еден многу мал процент. Едно истражување, иако направено пред веќе шест години од ОБСЕ, но најрелевантно досега направено истражување, покажува дека само 2% од најсериозните инциденти на насилство жртвите ги пријавуваат. Значи ова што го гледаме е 2%, смета Димушевска.

Прашана зошто е така низок процентот, стапката на жени кои се решаваат да пријават дека се подложни на фемицид, односно дали стравуваат, се сомневаат во капацитетот некој да ги одбрани, да ги заштити, Димушевска одговара потврдно.
„Недовербата и стравот дали навистина ќе биде обезбедена помошта и поддршката којашто и е потребна постои, и тој страв е апсолутно оправдан, затоа што и најдобриот социјален работник, и најдобриот инспектор за семејно насилство, ако нема ресурс не може да ја обезбеди заштитата. А она што е важно што треба да го запомниме сите е дека пријавата на насилство е првиот чекор во нејзината борба да стави крај на насилството. Оди во полиција и пријавува, но тука не застанува насилството, особено кога зборуваме за семејно. Они имаат заеднички деца, понатаму има други процеси, па и самата кривична постапка ако воопшто се поведе… Значи пријавата на насилство е првиот чекор. Она има после шест месеци, една година, две години борба со насилникот. Она не може да го прекине контактот со насилникот, особено ако е брачен или вонбрачен партнер со којшто има заеднички деца.
-Ние целосно не ги исполнуваме препораките на Истанбулската конвенција којашто вика – ако насилството се случи во домот помеѓу партнери коишто имаат заеднички деца, тогаш треба привремено да биде прекинат контактот на сторителот на насилството со децата. Независно од тоа дали тој директно вршел насилство врз нив или не. Зошто? Затоа што тие секако се жртви. Децата се секако жртви. Тие биле присутни, гледале и слушале, иако не се директно нападнати. Дополнително, како ние очекуваме оваа жена да ги надмине последиците од преживеаното насилство, да почне нов живот, да се реинтегрира, ако таа постојано мора да биде во контакт со него заради децата. Системот како што е поставен сега, во одредени случаи дури и го пролонгира насилството и дозволува пролонгирање на насилството и по направената пријава. Затоа се тие чекори коишто мора да бидат преземени, за да она навистина кога ќе пријави се почувствува сигурно. И затоа жените не се секогаш спремни или им треба многу време, или им треба да дојде да се случи тој најсериозен инцидент кога веќе ќе почне да стравува дека ќе биде убиена, бидејќи еден е стравот дека повторно ќе бидете физички нападнати, а друг е стравот кога веќе се плашите за својот живот и за животот на своите деца. И тие тогаш пријавуваа“, вели Димушевска.

Според неа необезбедувањето заштита на жртва на насилство е структурна неправда. Дава порака за едно општество коешто толерира насилство. Кога на ова општество му е поважно да го заштити, или на институциите им е поважно да го заштитат угледот на насилникот, наместо да обезбедат безбедност и да осигураат безбедност за жртвата, тогаш секако дека зборуваме за неправда. Значи даваме важност на една категорија на луѓе врз друга. На една категорија на граѓани врз друга, а нели треба сите да сме еднакви. Треба да имаме сите еднаков пристап до сите услуги, права што ни следуваат како граѓани и граѓанки во оваа држава“, смета Димушевска.
Целиот разговор погледнете го во видеото.