„Нема пари, 51 милион евра не се префрлени во вториот столб“, велат од СДСМ
СДСМ преку соопштение обвинува дека 51 милион евра од пензиските придонеси на граѓаните сè уште не се префрлени во вториот пензиски столб, иако станува збор за законска обврска. Според партијата, заклучно со 31 октомври, не биле префрлени средства што им припаѓаат на околу 650.000 граѓани.

Од СДСМ посочуваат дека станува збор за пари што работниците секој месец ги издвојуваат од своите плати за идните пензии. Според нив, директорот на Фондот за пензиско осигурување има законска обврска навремено да ги префрла средствата во вториот столб, а неисполнувањето на обврската го оценуваат како сериозен ризик за идната исплата на пензиите.
Опозициската партија бара реакција од Јавното обвинителство и обвинува дека со ваквото постапување се загрозуваат пензиските права на повеќе од 650.000 граѓани.
Во соопштението СДСМ наведува и дека дефицитот во ПИОМ достигнал една милијарда евра, а ја обвинува Владата дека со своите политики ги загрозува и средствата во вториот пензиски столб.
Од партијата ја критикуваат Владата и за задолжувањето, тврдејќи дека за две години граѓаните биле задолжени за околу четири милијарди евра, додека за 2027 година се планира ново задолжување од речиси две милијарди евра.
СДСМ оценува дека нема доволно средства за повисоки плати, пензии, минимална плата, земјоделците и студентскиот оброк, додека, според партијата, средствата се насочуваат кон, како што ги нарекува, криминални тендери на власта.