
Принцот Вилијам и принцезата Кејт се сретнаа со Моди на крајот од посетата на Индија
Британскиот принц Вилијам и неговата сопруга Кејт вчера, на крајот од тридневната посета на Индија, се сретнаа со индискиот премиер Нарендра Моди, со кого разговараа за трговијата и зајакнувањето на билатералните односи.
Британскиот принц Вилијам и неговата сопруга Кејт вчера, на крајот од тридневната посета на Индија, се сретнаа со индискиот премиер Нарендра Моди, со кого разговараа за трговијата и зајакнувањето на билатералните односи.
Британскиот престолонаследник и принцезата од Велс допатуваа во Њу Делхи откако Вилијам претходно, во текот на денот, посети боливудско филмско студио во Мумбај, а Кејт дом за родилки во кој разговараше со здравствените работници.
За време на средбата со Моди тие разговараа за важноста на британско-индиските односи, а индискиот премиер ја пофали работата на Вилијам за Earthshot Prize, чие годишно доделување на наградите се одржа во вторникот во Мумбај.
– Се радувам на натамошното зајакнување на сеопфатното стратешко партнерство меѓу Индија и Обединетото Кралство и продолжувањето на соработката врз основа на неодамна спроведениот сеопфатен економски и трговски договор, за благосостојба на граѓаните на нашите земји и пошироката меѓународна заедница – напиша Моди на Х.
Портпаролот на Кенсингтонската палата изјави дека разговорите биле посветени на „длабоките и трајни врски меѓу двете земји“ и идните можности за соработка.
Пред средбата со индискиот премиер, Вилијам го посети седиштето на познатата боливудска продукциска куќа Dharma Productions во предградието на Мумбај, каде што со насмевка и аплауз ја следеше танцовата изведба од популарниот филм Kabhi Khushi Kabhie Gham („Понекогаш среќа, понекогаш тага“), чие дејствие делумно се одвива во Лондон.
На посетата присуствуваа и познатите индиски актери Саиф Али Кан и Карина Капур.
– Беше исклучително срдечен и љубезен и опширно зборуваше за потенцијалот на индиската кинематографија и популарноста на филмовите на различни индиски јазици ширум светот – рече по посетата режисерот Каран Џохар, кој ја води Dharma Productions.
За време на тридневниот престој во Мумбај, град со околу 13 милиони жители, кралскиот пар учествуваше на низа настани. Меѓу другото, тие играа крикет со пензионираниот индиски крикетар Сачин Тендулкар, посетија училиште за традиционални занаети и присуствуваа на свеченото доделување на наградите Earthshot Prize, кои Вилијам ги основа пред шест години со цел поттикнување иновативни решенија за заштита на животната средина.
Во говорот на свеченоста Вилијам предупреди дека последиците од глобалното затоплување стануваат сè поочигледни, на што упатуваат сè почестите топлотни бранови и разорните поплави, истакнувајќи дека станува збор за пресуден момент за планетата.