
Десет месеци без плата и здравствено осигурување: Работниците од „Факом“ и „Бетон“ протестираа пред судот
Вработени во компаниите „Факом“ и „Бетон“ денеска излегоа на протест пред Основниот граѓански суд во Скопје, барајќи побрзо решавање на стечајните постапки, исплата на заостанатите плати и регулирање на нивниот работен статус.
Вработени во компаниите „Факом“ и „Бетон“ денеска излегоа на протест пред Основниот граѓански суд во Скопје, барајќи побрзо решавање на стечајните постапки, исплата на заостанатите плати и регулирање на нивниот работен статус.
Работниците од „Факом“ тврдат дека веќе десет месеци не примиле плата и немаат здравствено осигурување. Тие очекуваат судот да донесе одлука за отворање стечајна постапка, додека за „Бетон“ таква постапка веќе е во тек.
Еден од вработените посочи дека со месеци се надевале оти продажбата на „Факом“ ќе донесе решение за финансиските проблеми, но состојбата не се променила. Според него, компанијата имала работни ангажмани, меѓу кои и проект за мост во Хрватска, од кој можеле да се обезбедат средства за исплата на платите и придонесите.
„Ние можеби сме единствената фирма која со работа пропадна“, изјави работникот.
Претседателот на СИЈР, Игор Гештаков, истакна дека ова е четврти обид за отворање стечајна постапка за „Факом“, од чие разрешување зависи егзистенцијата на околу 500 вработени.
Тој објасни дека дел од работниците престанале да доаѓаат на работа по три неисплатени плати, но нивниот работен однос формално не е прекинат. Поради тоа, како што тврди, не можат да ги остварат ниту правата од здравствено осигурување, ниту правата што им следуваат во случај на престанок на вработувањето.
Од синдикатот порачаа дека повеќемесечната неизвесност мора да заврши и побараа надлежните институции да преземат конкретни чекори за решавање на состојбата.