Протест пред Владата – гласно НЕ за францускиот предлог

На вечерашниот протест пред Владата под мотото „Ултиматум – Не, благодарам“ се слушнаа пораки против францускиот предлог. Едногласно граѓаните застанаа против предлогот од Франција кој беше оквалификуван како исклучително лош за македонскиот народ и македонските национални интереси.

Говорници беа јавни личности, новинари, професори и претставници на здруженија, тие ја повикаа Владата да не го потпишува предлогот со порака „Македонија е се што имаме и од неа никогаш и под никакви услови нема да се откажеме“.

„Вечерва велиме „но пасаран“. Подадовме рака, ни ја бараат душата, а има ли цена душата. Отпорот ќе биде секогаш, а победата е загарантирана затоа што Македонија, Македонците, македонскиот јазик и историја, култура и идентитет се единствената вистина“ беа дел од пораките на протестот.

Негирањето на правото на самоопределување и условувањето на македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, не е дел од критериумите за членство во ЕУ ниту правило меѓу државите членки, се порача на протестот пред Владата.

-Да живее Македонија и никако капитулација“ – ечеше на Илинденска.

Инаку Владата вчера го објави модифицираниот предлог од Франција, кој треба да се прифати како услов Бугарија да го тргне ветото и да се отворат преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија.