Петрова-Чамова: Компромисот што го направивме во 2022 година на Македонија ѝ обезбедува јасен пат кон ЕУ

Дали и како македонската влада ќе го пронајде и создаде политичкиот амбиент за да покаже способност да го спроведе договореното, вели шефицата на бугарската дипломатија, е клучното прашање.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, денеска од Брисел изјави дека Софија помогнала во изнаоѓањето на европски формат и компромис, кој на земјава ѝ обезбедува предвидливост на патот кон Европската Унија, со јасна преговарачка рамка и конкретни очекувања што треба да се исполнат.

Петрова-Чамова ова го кажа во своето обраќање на Форумот за проширување на Европската Унија, осврнувајќи се на македонските евроинтеграции и односите помеѓу Скопје и Софија.

„Мислам дека со компромисот од 2022 година се обезбеди предвидливост, јасен пат напред, јасна преговарачка рамка и јасни очекувања што треба да се исполнат. Она што го правиме сега е навистина да обезбедиме средина која не создава никакво непријателство туку се обидува да биде поддржувачка за спроведување на договореното“, изјави шефицата на бугарската дипломатија.

Дали и како македонската влада ќе го пронајде и создаде политичкиот амбиент за да покаже способност да го спроведе договореното, вели Петрова-Чамова, е клучното прашање.

На Форумот за проширување на ЕУ во Брисел претходно се обрати и премиерот Христијан Мицкоски и порача дека уставни измени кои задираат во идентитетските прашања ќе го нарушат кредибилитетот на проширувањето.