Трајанов: Македонија треба да бара од Белград информации за обидот за атентат врз Киро Глигоров

Македонија треба официјално да побара од Белград документи и информации од безбедносните архиви за обидот за атентат врз поранешниот претседател Киро Глигоров, смета поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов кој е сегашен национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Македонија треба официјално да побара од Белград документи и информации од безбедносните архиви за обидот за атентат врз поранешниот претседател Киро Глигоров, смета поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов кој е сегашен национален координатор за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

Тој за „Слободен печат“ открива дека и самиот, по убиството на поранешниот српски премиер Зоран Ѓинѓиќ, во периодот кога се спроведувала операцијата „Сабја“, барал информации за атентатот, но македонските институции тогаш добиле одговор дека во Белград нема такви податоци.

Трајанов вели дека архивите на поранешната југословенска безбедносна служба можеби содржат информации што би помогнале во расветлувањето на атентатот, поради што смета дека барањето треба повторно да се актуализира.

– Апсолутно поддржувам да се побара. Но, тоа треба официјално да се побара, да се почека уште малку да се формира новата влада. Треба да се направи едно заедничко барање и една институција да биде водечка, може да биде Министерство за надворешни работи, Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, може Владата. Битно е да се прецизира што точно ќе се бара и да се упати такво барање, но битно е да се почека да се формира новата влада. Може, ако има политичка волја, да дадат податоци, ако не друго, во делот што се однесува за наши државјани, бидејќи сојузната УДБА водела обработка за наши Македонци мигранти. Правеле и тие безбедносни проверки за некои амбасадори – трговски претставници. Таа беше централизирана служба, имаше и во државите, но таа имаше изворни надлежности согласно Законот за работата на Службата за државна безбедност. Верувам дека голем дел од досиејата и информациите се архивирани и се чуваат. Имаше некое микрофилмување, трајно чување. Најлесно може да кажат дека се уништени, но може и да дадат. Сепак, треба да бараме, а што ќе добиеме, ќе видиме – вели Трајанов. Ова прашање се актуализираше по падот Александар Вучиќ во Србија и најавите на новата власт кај северниот сосед, предводена од Студентската листа, за отворање на тајните досиеја и спроведувањето на лустрација како еден од нивните приоритети. Ваква можност најави и премиерот Христијан Мицкоски, но тој ова, засега, го нарече само „добра идеја“.