
(ВИДЕО) Разговори со Глигор Бишев, Весна Дамчевска и Дита Старова Ќерими
➡Случајот „Алта банка“ и ребалансот на буџетот во фокусот на новото издание на Трилинг. За актуелните економски прашања и случувањата поврзани со овие теми разговараме со Глигор Бишев, поранешен вицегувернер и претседател на Фискалниот совет, и Весна Дамчевска, новинарка на „Слободен печат“. ➡Во вториот дел од емисијата, проф. Дита Старова Ќерими говори за современата ликовна уметност, нејзиниот развој и за својата самостојна изложба, која ќе биде отворена во понеделник.
Случајот „Алта банка“ и ребалансот на буџетот во фокусот на новото издание на Трилинг. За актуелните економски прашања и случувањата поврзани со овие теми разговараме со Глигор Бишев, поранешен вицегувернер и претседател на Фискалниот совет, и Весна Дамчевска, новинарка на „Слободен печат“.
Во вториот дел од емисијата, проф. Дита Старова Ќерими говори за современата ликовна уметност, нејзиниот развој и за својата самостојна изложба, која ќе биде отворена во понеделник.

„Банкарска паника е кога сите се плашат за своите депозити и постои трчање во банките да се подигнат депозитите и тоа кај сите банки. Значи овдека далеку сме од тоа и стабилноста на банкарскиот систем во целина е висока. И на база на веста дека крајниот сопственик на Алта банка во Битола е уапсен во Србија и му е одземена дозволата, штедачите се вознемирија и почнаа да си ги подигнуваат депозитите, а исто така она што е обврска на Народна банка – во секое време да следи дали сопствениците се соодветни да управуваат со банката и овој настан предизвика факт дека веќе крајниот сопственик не е погоден за управување и следеше она што сите го знаеме, вели Глигор Бишев, поранешен вицегувернер и претседател на Фискалниот совет.

Прашан дали може една мала банка да го стресе финансискиот пазар и да создаде немир кај граѓаните имајќи предвид дека ова не е прва ваква голема банкарска афера, Бишев вели дека основна цел на секоја банка е да управува со ризиците.
„Ние се соочуваме со еден, јас би рекол прифатлив ризик, а тоа е дека една мала банка се соочува со потешкотии и сега целиот банкарски систем во целина ефективно се справуваат со овој предизвик и верувам дека така ќе остане и во иднина“, смета Бишев.
Прашан дали Централната банка треба да прибави став и од Српската национална банка, и што ако Србите не се согласат со евентуалното преземање, Бишев вели дека најдобро решение во вакви услови на одземено управување со банката е што побргу ако може и ако постои таква шанса, да се смени сопственикот.
„И тоа треба да се направи што побрзо. Тука е најдобро Народната банка на Македонија како приоритет да си го постави тоа и дури да не чека 60 дена, а доколку постои законско ограничување, јас верувам дека тоа е интерес на целото општество и треба некоја регулатива да се смени, тоа да го направи парламентот. Значи гувернерот треба да оди со некоја мини брза програма, доколку е потребно таа програма да ја верификува и Собранието, меѓутоа тоа да се реализира не подоцна од наредните 10 дена. Доколку тоа се одолговлекува, тогаш состојбите ќе стануваат покомплицирани.
– Кога продавате банка, вие продавате актива и пасива. И сега ако оваа нервоза продолжи и депонентите ги повлечат своите средства, вие немате што да продавате. Значи секаде во свет, еве да кажеме пред три-четири години, Кредит Свис беше во потешкотии и тогаш Централната банка на Швајцарија, заедно со регулаторните органи во рок од три-четири дена донесоа одлука. Тоа е предуслов доколку сакате да се реализира реструктуирање на некоја банка преку преземање. Доколку тоа се одолговлекува, тоа е како вие да сте во прединфарктна состојба велите ќе чекам долго време за операција, додава Бишев.

Говорејќи околу анализата на Фискалниот совет каде се бара да се сочуваат парите од непотрошените капитални инвестиции и тие да не се насочуваат кон нови тековни расходи, Бишев вели дека „менувањето на структурата на буџетот и намалувањето на фискалниот дефицит и јавните расходи е процес и тука Фискалниот совет, уште јас кога бев претседател укажа дека тоа треба да се прави стратешки“.
„Наш предлог беше и тоа до некаде е вградено во фискалната стратегија која се прави за секои 5 години, и постепено тоа да се прави во годишните буџети. За жал изостана тоа благо прилагодување. Зошто велам дека тоа треба да се прави среднорочно и постепено? Фискалните трансфери во буџетот на Македонија , значи трансфери за пензиско, за здравство, за плати, учествуваат 65 до 70% ви буџетот на државата. И вие не можете да кажете за една година или за шест месеци ние ќе ги намалиме или замрзнеме пензиите. Вие мора да продолжите тоа да го правите, но постепено да вршите усогласување, и да го зголемувате делот за инфраструктурни проекти, а исто така да го зголемите квалитетот на јавните расходи. Значи квалитетот значи за една единица потрошени буџетски пари, да имате ефект поголем од еден.
-За жал во некои наши расходи ние имаме ефект под еден. Тоа е долгорочен процес што мора да се отвори, мора да се прави и мора да се направи една динамика на намалување на буџетскиот дефицит. Значи од 4 на 3,7, 3,5, 3,2, 2,8, за да имате на среден рок меко спуштање, смета Бишев.
За тоа дека речиси петта година имаме висок буџетски дефицит, над 4%, тој вели дека потребни се структурните промени, не само во фискалната политика, но и во останатите сегменти.

За тоа дали треба да не загрижува јавниот долг на државата, Бишев вели дека ние треба да управуваме со ризиците, и во макроекономијата, и со фискалниот сектор, и ние доаѓаме до граница и како што кажа професор и академик Беџети каде нашиот маневарски простор е стеснет.
„Сега прашање е дали тоа ќе го правиме смислено, организирано, долгорочно, за да не применуваме шок терапии. Бидејќи ако вие не го направите тоа навреме, тогаш економските движења, сидрото на девизниот курс може да не повлече и одеднаш да каже – бараме структурни реформи“, вели Бишев.

„Надзорната расправа околу случајот со Алта банка имаше и свои добри страни, објасни некои работи, меѓутоа се фрлија во сенка со онаа почетна дискусија, почетно излагање во својство на сведок на премиерот Христијан Мицкоски. Тој извади еден записник, и вели да видиме еве од кога, уште 2023-та година тогашно СДСМ и ДУИ имале врски, а државниот правобранител бил пратен во Белград за да испита некои акции со Алта банка.
-Јас уште кога го слушнав тоа, она прво новинарски што ми дојде е што зборува сега премиерот – државен правобранител – Алта банка – Србија. Некако многу ми беше неповрзано што сака да каже. Во новинарството ние одма јас ставаме веста, Веста излезе дека излегол документ во кој се покажува дека уште во 2023-та година и СДСМ знаел за Алта банка и нешто правел во Белград. Потоа излезе онаа прес-конференција на Венко Филипче којшто изнесе дека тоа се пари од сукцесија.
Во целото тоа ми е многу невкусно да се извади делче од документ ако е тоа така. Меѓутоа видовме ние еден документ, потоа се сподели и преку МИА, каде што се гледа дека се оди за акции на Министерството за финансии да ги брани интересите на државата околу некои акции на Министерството за финансии. Јас малку истражував, тие биле во Југословенска банка за извоз, каде што државите имале капитал, и некои записници кои ги најдов уште од таа банка што сѐ уште можеш да ги најдеш на интернет дури до 2015-та, уште фигурира Министерството за финансии на Македонија со 1,74% акции. До 2023-та тие си биле таму. 2023-та, може да се најде тоа, Алта банка Србија стекнува над 90% акции во Југословенската банка, и практично може да си располага, да ги продаде принудно и македонските акции за да расчисти со поранешните југословенски републики, со поранешните сукцесии.
-Мене од ова некако ми доаѓа логично објаснувањето на СДСМ – што барал таму државниот правобранител. Меѓутоа ми е нелогично како ваков документ се искористи да се отвори една надзорна расправа. Сега прашање е дали некој ова лошо му го пласираше на премиерот или тој сакаше да направи спин“, изјави Новинарката на Слободен печат Весна Дамчевска, говорејќи околу надзорната расправа за случајот „Алта банка“.

-Е сега, како тоа од она прво интервју што го даде веднаш кога се постави административна управа врз Алта банка, како од она интервју што го даде тогаш во коешто изричито и се обрати на колешката од Телма дека он нема потреба да знае кој е, ниту пак знаел кој е, туку важни му биле билансите, сега одеднаш се знаеле и кој е и испитале потекло на имот. Не знам дали тогаш бил груб во однесувањето, дали навистина бил неупатен“, вели Дамчевска.
Прашана дали гледа потфрлање на безбедносните служби како Агенцијата за разузнавање, Финансовата полиција, Финансиското разузнавање, и како тоа да немале некакви елементарни информации за потеклото на парите, внесот на парите, за тоа дека Мацура во еден период постојано бил на релација Скопје – Белград, Дамчевска вели дека можно е да замижале.
„Јас мислам дека информации имале. Не може сите во Србија да знаат, а они ништо не знаеле. Мислам дека тука некој треба да препраша и да види и преиспита дали станува збор за потфрлање или за замижување, а и едното и другото носи одговорност“, смета Дамчевска.

„Колку што можам да кажам дека е привилегија да се расте со таков импакт и импут во животот, да се биде секогаш на ниво на очекуваното, исто така е и голема одговорност, бидејќи имате родители коишто постојано тоа што го имаме во јавноста, а зад тоа појавување има макотрпна работа и постојаност во тоа постигнување. Така што можам да кажам дека е голема одговорност и пример како да се биде во делувањето во својот живот. Понекогаш и презимето – како луѓето да имаат создадено мислење за вас па треба дополнително да се докажувате. Така што мојот татко Луан Старова, покрај својата книжевна кариера која што има своја патека, мајка ми во науката, значи има императиви кои што секојдневно вас ви ги дават како пример и мислам дека нема поубава привилегија, но исто така и одговорност на се тоа што го гледате секојдневно“, вели проф. Дита Старова Ќерими.

Осврнувајќи се на прашањето што сака да долови со композициите и уметничките дела Старова Ќерими вели дека во тие дела понекогаш има фигуративност, има и експресија, има и колорит.
„Секоја боја ми создава една енергија за понекогаш да ја доловам присутноста. Има и човечки фигури коишто покрај бојата или се доближуваат или се разделуваат, но таа сликарска силна одвоеност помеѓу нив која се чувствува со напливот на бои, сакам посетителите и тој што ќе ја гледа сликата, сам да ја најде приказната која што јас ја создавам сликајќи, бидејќи чувствувам дека најсилна сум во одговорите со боите.
-Така што сметам дека секоја моја внатрешна творечка битка, токму ја доловувам преку силните експресивни бои и тоа што се случува во моите слики“, смета Старова Ќерими.

Околу тоа во каков свет живееме – во црно-бел или во боја Старова Ќерими вели дека сите кога имаат средба со неа, се на ставот дека создава бои.
„Милувам да кажувам дека секој треба да си го создаде својот свет и сметам дека ние ги создаваме боите, затоа сакам и преку моите слики, некој доколку гледа во црно-бел свет, да ја гледа уметноста во се, па дури и во црно-белото, вели Старова Ќерими.
Разговорите погледнете ги во видеото