Амбасадорката Дрекслер за Порталб: ЕУ не функционира како партија покер, проширувањето е геополитичка неопходност

Мислам дека постепената интеграција пред самото пристапување, е уште еден амбициозен концепт кој е важен за постигнување напредок. И мислам дека ЕУ веќе отвори многу врати на тој пат, вели Дрекслер

Во интервју за Portalb.mk, амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Петра Дрекслер нагласува дека проширувањето на Европската Унија не е само придобивка за земјите кандидати, туку стратешка и геополитичка неопходност за самата ЕУ да остане релевантен глобален актер. Осврнувајќи се на загриженоста околу стагнацијата на Северна Македонија додека соседите како Црна Гора се приближуваат кон членство, Дрекслер потенцира дека ЕУ не функционира како партија покер каде што една држава победува, а другите мора да изгубат. Таа истакнува дека Унијата не е клуб со однапред одреден број места и дека напредокот на еден сосед е доказ оти членството е достижно веднаш штом ќе се исполнат бараните услови и ќе се спроведат потребните реформи.

Елида Зилбеари: Дваесет години Северна Македонија стои пред портите на Европската Унија. Дваесет години сме земја кандидатка. Ние не си ја завршивме домашната задача, не ги решивме споровите со соседите, не ги спроведовме уставните измени, а се соочуваме и со проблеми во реформите, заостанувајќи во напорите за борба против корупцијата, стагнирајќи во судството и така натаму. За да разговараме за сите овие предизвици, денес во нашето студио на Порталб, гостинка ни е амбасадорката на Германија во Северна Македонија, Н.Е. г-а Петра Дрекслер.

Елида Зилбеари: Амбасадорке, добре дојдовте и Ви благодарам што сте тука.

Петра Дрекслер: Ви благодарам многу.

Елида Зилбеари: Ќе започнам со неодамнешните случувања. Вие дојдовте од Црна Гора, од Самитот на Берлинскиот процес. Можете ли накратко да ни кажете кои беа главните пораки што беа пренесени таму?

Петра Дрекслер: Ви благодарам многу за прашањето. Мислам дека Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, кој ги собра на едно место сите политички лидери од земјите од Западен Балкан и лидерите од земјите членки на ЕУ и од самата ЕУ, навистина беше уште еден важен момент. За жал, јас лично не бев таму, но од пораката што беше испратена оттаму, би рекла дека таа во основа има три дела.

Пред сè, беше јасно дека проширувањето е геополитичка неопходност. Како што истакна Канцеларот Фридрих Мерц, за да ја задржи ЕУ својата улога како релевантен актер на глобалната сцена, таа мора да расте. Тоа значи дека на проширувањето не гледаме само од аспект на придобивките за земјите кандидати, туку го гледаме како стратешка неопходност и за земјите членки и за ЕУ – за сите нас.

Второ, исто така е јасно дека пристапниот процес бара заемна посветеност, бидејќи имплементацијата на неопходните реформи може да ја направат само државите од регионов. Значи, потребна е политичка волја, а ЕУ тоа го придружува со понуди за постепена интеграција со цел да се забрза процесот.

И конечно, што се однесува до Црна Гора како земја домаќин, мислам дека таа многу успешно го заврши своето претседавање со Берлинскиот процес и испрати многу силна порака, бидејќи покажа дека е длабоко посветена да го доведе својот пристапен процес до целта. Мислам дека ова испраќа многу моќна порака до регионот во целина, затоа што покажува дека проширувањето, односно членството во ЕУ е можно. Значи, тоа е доказ за концепт, дека е изводлив, ако сакате така да се изразам. И мислам дека ова е важно за сите нас бидејќи им овозможува и на земјите како Северна Македонија да се надоврзат на тој критичен моментум. ЕУ во овој момент навистина размислува во духот на проширувањето, а тоа им овозможува на земјите побрзо да продолжат по својот индивидуален пат.

Елида Зилбеари: Би сакала да споменам и една порака што беше испратена на самитот, дека Германија силно повикува на поголема регионална соработка. Знаејќи дека сите земји се движат со различна брзина во пристапувањето кон ЕУ, како може Берлинскиот процес да го оствари ова и да ги одржи овие земји обединети под вакви услови?

Петра Дрекслер: Во право сте. Берлинскиот процес отсекогаш се однесувал на регионалната соработка, бидејќи сметаме дека регионалната соработка е корисна за забрзување на пристапувањето. Но, целовкупната цел отсекогаш била полноправно членство во Европската Унија. Би можеле да водиме долга академска дебата за тоа што имале предвид основачите на Берлинскиот процес и која точно била визијата, но мислам дека целта не беше да се создаде друг вид политичка унија. Многу од целите, како што е воспоставувањето на Заедничкиот регионален пазар, продолжуваат да бидат многу релевантни за сите земји од Западнобалканската шесторка, без оглед на тоа каде се наоѓаат во нивниот пристапен процес. На крајот на краиштата, мислам дека иднината на Берлинскиот процес многу зависи од политичката волја во регионот. Значи, на регионот останува да одлучи што ќе се случува со процесот. Мислам дека Црна Гора покажа многу силно чувство на одговорност и сопственост на процесот, и подготвеност да продолжи да се ангажира во регионалната соработка, иако постојат различни брзини во пристапните процеси. А сега, со Австрија како следен претседавач, мислам дека имате многу силен партнер за да продолжите со тој моментум.

Елида Зилбеари: Кога зборуваме за Црна Гора, канцеларот Мерц рече дека за две години таа би можела да стане полноправна членка на ЕУ. Тоа е добра вест за нив, но знаејќи дека Северна Македонија во моментов е блокирана, дали ова создава стравувања во ЕУ дека оваа блокада и стагнација ќе предизвикаат политичка и економска дестабилизација во нашата земја?

Петра Дрекслер: Па, мислам дека ЕУ не функционира како партија покер. Не станува збор за тоа дека ако една земја се приклучи, тоа ќе биде на сметка на перспективата на друга земја. Ова не е игра во која еден може да победи, а другите мора да изгубат. ЕУ не е клуб со однапред одреден број места. Проширувањето зависи од тоа дали земјите кандидати ги исполниле барањата. И ова важи подеднакво за Црна Гора како и за Северна Македонија и другите земји кои имаат кандидатски статус. Значи, ако Црна Гора го постигне овој импресивен напредок, мислам дека тоа е одлична вест не само за нив, туку и за Северна Македонија, бидејќи покажува, како што реков, дека тоа е можно…

Елида Зилбеари: Достижно е.

Петра Дрекслер: Да, достижно е. Затоа мислам дека сите треба да градиме врз тоа. Сега, во однос на вториот дел од вашето прашање за стабилноста, Северна Македонија е сигурен и доверлив партнер во НАТО. Таа покажа длабока посветеност кон регионалната безбедност и обезбедувањето политичка стабилност. Би било контраинтуитивно да се размислува за земјата од аспект на ризик од дестабилизација.

Елида Зилбеари: Видовме дека нашите лидери го споменуваат ова. Тоа не е само наш впечаток, туку видовме како нашиот премиер вели дека постојат такви актери. Значи, дали е ова реален момент за загриженост, или?

Петра Дрекслер: Јас не гледам на Северна Македонија низ призмата на ризик или потенцијал за дестабилизација. Напротив, мислам дека имаме доверба во способноста на вашата земја да спроведе реформи и да стане членка на Европската Унија. Како што реков, нашиот однос во рамките на НАТО покажа дека можеме заедно да постигнуваме успеси. И ЕУ ќе продолжи да го поддржува тоа, ние сме во партнерство за одбрана. Значи, ако погледнете неколку елементи од политичкиот развој тука, би рекла дека има многу повеќе можности отколку ризик.

Елида Зилбеари: Македонија исто така беше изоставена од патоказите што беа креирани за земјите кандидати со цел да се забрза интеграцијата, што првично беше идеја на Германија и Франција кога првпат го создадовте овој концепт. Со оглед на тоа што сме надвор од овој процес, дали сме целосно заглавени додека не го измениме Уставот, или постои алтернативен начин да тргнеме по оваа забрзана патека?

Петра Дрекслер: Ги споменавте патоказите. Мислам дека тука зборуваме малку за иднината. Тоа е нешто што Комисијата го најави и јас разбирам дека тоа ќе биде еден вид индикативна временска рамка за дополнително структурирање на пристапниот процес. Сега, мислам дека постепената интеграција пред самото пристапување, е уште еден амбициозен концепт кој е важен за постигнување напредок. И мислам дека ЕУ веќе отвори многу врати на тој пат. Ќе ви дадам неколку примери. Погледнете ја финансиската интеграција во СЕПА (SEPA), која ги прави трансакциите многу полесни и овозможува многу полесна трговска размена меѓу нашите земји. Погледнете го полноправното учество на Северна Македонија во програмата „Хоризонт“ (Horizon), која им овозможува на вашите научници да соработуваат со партнери во Европската Унија на највисоко ниво. Мислам дека има многу примери, а ние како Германија, Франција и други ќе продолжиме да се залагаме за уште повеќе. Мислам дека има јасен напредок и тоа е важно затоа што треба да им покажеме на луѓето дека Европската Унија е реалност. Таа не е само далечен сон за некој миг во иднината.

Елида Зилбеари: Во ред. А околу уставните измени, дали постои некаков алтернативен начин да се заобиколат и да станеме дел од ЕУ, како што посакуваат нашите лидери?

Петра Дрекслер: Не сум баш сигурна дали треба да толкуваме што сакаат вашите лидери…

Елида Зилбеари: Тие го изјавуваат тоа, тоа е порака до народот.

Петра Дрекслер: Па, тие изјавуваат дека во овој момент не се создадени услови. Јас го разбирам тоа. Но, ние се договоривме преговарачка рамка. Ја разбирам фрустрацијата, но вистината е исто така дека, во крајна линија, за да влезете на патека што води кон пристапување, треба да ги отворите преговарачките кластери и да ги затворите.

Елида Зилбеари: Значи, тоа е меѓу Северна Македонија и ЕУ како дел од преговарачкиот процес?

Петра Дрекслер: Точно така.

Елида Зилбеари: Исто така, во однос на пораките од нашите лидери, луѓето кои се одговорни да го туркаат процесот напред, тие бараат посилни гаранции дека Северна Македонија нема да се соочи со нови вета од земјите членки во иднина за време на кој било дел од преговарачкиот процес. Можеме ли да ги добиеме тие гаранции?

Петра Дрекслер: Па, мислам дека во секој процес на носење одлуки – било во бизнисот, било во науката, било во политиката – секогаш ќе имате елемент на неизвесност. Тоа е природно. Во исто време, разбирливо е дека за да се донесат политички одлуки, потребна е увереност дека тоа ќе ви помогне да ги остварите вашите цели. А ние и тоа како имаме заеднички цели. Мислам дека пораката на премиерот Мицкоски за пристапниот процес е важна тука, бидејќи тој рече дека ние не сакаме само да ги започнеме преговорите, туку сакаме да ги завршиме. Мислам дека ова ги надминува процедуралните стравувања и се фокусира на севкупната цел. И верувам дека е во наш заеднички интерес да помогнеме да се воспостави увереноста што ѝ е потребна на вашата земја за да тргне по тој пат. Значи, тоа е нашиот став.

Елида Зилбеари: Додека чекаме да стигнеме дотаму, постојат странски актери кои ја користат оваа конфузија пред вратите на ЕУ за да шират антизападно расположение преку дезинформации. Може ли Германија да ни помогне на некој начин да ја вратиме довербата во ЕУ и да го намалиме евроскептицизмот што го шират овие дезинформации?

Петра Дрекслер: Мислам дека ова е многу важно прашање, бидејќи дезинформациите можат да цветаат кога постои јаз меѓу очекувањата и реалноста што ја чувствуваат луѓето. Тоа создава вакуум кој лесно може да се исполни со наративи за недоверба и за неуспех. Верувам дека сме заедно во тоа. Се соочуваме со поларизација во нашите општества во Германија и во другите земји членки на ЕУ, како и тука. И мислам дека имаме заеднички интерес да го надминеме тоа. Сега, во однос на кредибилитетот на пристапниот процес во ЕУ, мислам дека е важно да градиме врз конкретната соработка што веќе ја имаме воспоставено, бидејќи ЕУ е многу присутна тука. Ќе најдете бројни примери за тоа како соработуваме многу успешно.

Елида Зилбеари: ЕУ е наш најголем партнер. Тие инвестираат и добиваме толку многу донации и средства од ЕУ, но според мое мислење, ова не е доволно видливо. Мислам дека ЕУ треба да биде повидлива.

Петра Дрекслер: Се согласувам, но не би го ставила фокусот на донациите, затоа што тоа не се донации, туку партнерство што сме го воспоставиле. Понекогаш чувствувам дека премногу се фокусираме на бројки. Секогаш има голема возбуда околу некој нов заем или нов грант што се доделува, и потоа се води дискусија за тоа колкав е износот. Тоа не ви кажува колкаво влијание ќе има тоа. Мислам дека навистина треба да се фокусираме на влијанието и во тоа секогаш можеме да бидеме подобри. Но, има многу успешна соработка. Германија е тука многу време и ние веруваме во долгорочно и сигурно партнерство. Кога се ангажираме не само во технички области, туку и во областа на културата, на пример, тоа го правиме затоа што веруваме дека е во наш интерес, како и во ваш. И претпочитаме тоа секогаш да го правиме во поширока европска рамка.

За да ви дадам пример од областа на културата, тукушто инвестиравме во посилно партнерство во археологијата со нашиот Германски археолошки институт. Исто така, имаме програми кои поддржуваат превод на литература на македонски јазик и на албански јазик. Тоа помага јазиците да станат повидливи во другите земји и мислам дека тоа е исто така прашање на оддавање признание и заемна почит. Значи, вака сакаме да соработуваме. И се согласувам, би било одлично доколку тоа биде повидливо, бидејќи кога луѓето ги чувствуваат опипливите резултати од ова партнерство, тогаш дезинформациите повеќе нема да функционираат.

Елида Зилбеари: Затоа што ја знаат вистината и можат да ги почувствуваат конкретните работи што ги добиваат – не само пари, како што споменавте, туку и култура и воопшто зближување со другите земји кои се дел од ЕУ. Споменувајќи ги финансиите и реформите, тука е Планот за раст на ЕУ, а Северна Македонија мора да исполни одредени барања и да спроведе одредени реформи за да ги добие ветените средства. Знаејќи дека нашите реформи во борбата против корупцијата се многу бавни, а и во судството не видовме напредок – луѓето не чувствуваат дека има правда – како може ЕУ да биде сигурна дека немаме само закони на хартија, каде што само штиклираме полиња и ги земаме парите?

Петра Дрекслер: Многу добро прашање. Најпрво, секоја реформа започнува на хартија. И би рекла дека во имплементацијата на Реформската агенда, која е врзана со Планот за раст, земјата покажа импресивен успех. Е сега, дали тоа значи дека можете веднаш да го почувствувате тоа? Очигледно не.

Елида Зилбеари: Во однос на ова, овој израз „импресивен напредок“ беше употребен и кога Урсула фон дер Лајен беше тука. За граѓаните е малку тешко да го почувствуваат ова. Зошто го нарекувате импресивен?

Петра Дрекслер: Затоа што има толку многу закони што мора да ги адаптирате, а тоа бара собраниска процедура, подготовка на предлог-закони и политичка волја за нивно спроведување. Значи, тоа не е лесна задача. И ако се сеќавате како започна Реформската агенда, земјата изгуби многу време во раните фази бидејќи тоа беше исклучително голема задача. Сега постои многу добра координација меѓу различните министерства и очигледно постои политичка волја ова да се оствари.

Но, во право сте, тоа не мора да значи дека веќе успешно сте имплементирале структурни промени. И на крајот на краиштата, ЕУ не е само огромна зона на слободен пазар. Нам многу ни се важни заедничките вредности. Нам ни се важни силните институции и силната основа за владеење на правото. За тоа, уште работи треба да се случат и ние сме свесни за тоа.

Тоа е исто така причината зошто целиот процес на проширување се заснова на условеност. Има причина зошто велиме „темелните прашања на прво место“. Има причина зошто кластерите за владеење на правото се отвораат први, а се затвораат последни на самиот крај. А постои и еден вид механизам за враќање назад по патот: откако ќе преговарате за поглавјата за владеење на правото, ќе мора да докажете дека има имплементација. Постои многу силен механизам за мониторинг од европска страна.

Но, јас би сакала да направам разлика и помеѓу овој технички процес на пристапување во ЕУ и важноста на силните институции воопшто. Тоа не е нешто што го диктира ЕУ, туку мислам дека тоа е стремеж на луѓето. Значи, во суштина, очекувањето се создава тука, а ќе треба да се обезбеди и исполнување на очекувањата. И на крајот, јас лично верувам дека граѓаните, гласачите, преку својот глас ќе одлучат дали тоа е постигнато или не.

Елида Зилбеари: Ја менувам малку темата, но остануваме на ЕУ. Германија сака да стави крај на ветата од поединечни земји во процесот на проширување на ЕУ. Но, за да

го направите тоа, мора да постигнете и консензус меѓу сите земји членки. Како изгледа ова во пракса? Дали е достижно?

Петра Дрекслер: Па, целата Европска Унија е изградена врз компромис, а знаете колку е тешко да се постигне компромис. Погледнете како се одвива донесувањето одлуки во малите семејства, а потоа замислете како е со 27 земји членки и во дискусиите со земјите кандидати – така што тоа е прилично голем предизвик.

Но, ние докажавме дека е можно, а во рамките на Европската Унија мислам дека сите се согласуваме оти ни е потребно ефикасно донесување одлуки доколку сакаме да бидеме релевантни на глобалната сцена. Ова е точката за која сите се согласуваме. Е сега, како ќе стигнеме до таму е друго прашање. Германија, заедно со партнери како Словенија и други земји кои се приклучија на нашата иницијатива, веќе долго време лобира за повеќе гласање со квалификувано мнозинство. Тоа значи дека би сакале сè повеќе да гледаме одлуки засновани на квалификувано мнозинство од земјите членки, вклучително и во надворешната политика, бидејќи мора да имате предвид дека во многу области од нашето политичко одлучување во рамките на ЕУ ние веќе се потпираме на тој принцип.

И неодамна, кога Комисијата го објави својот долгоочекуван преглед на политиките пред проширувањето, можевте да видите многу детални предлози за проширување на употребата на гласањето со квалификувано мнозинство. Значи, ова е добра вест бидејќи значи дека тоа веќе не е само теоретска дискусија меѓу одреден број земји членки, туку стигнало до нивото на Советот. Дали тоа значи дека сите предлози во тој преглед ќе бидат имплементирани? Не знам. Но, сега се води многу интензивна дискусија.

Елида Зилбеари: Германија е наш најголем трговски партнер. Како можеме да се подобриме ние во Северна Македонија за да привлечеме повеќе германски инвестиции, и конкретно поодржливи и понапредни инвестиции, а не само едноставни погони за склопување?

Петра Дрекслер: Ние сме многу горди на нашето силно економско партнерство и јас би го оспорила мислењето дека инвестициите од Германија тука се само, како што велите, погони за склопување. Можеби тоа беше точно за некоја рана фаза или ран бран на инвестиции, но компаниите од Германија кои изградија присуство тука, исто така и реинвестираа. Многу од нив инвестираа во автоматизација и во дигитализација. Така што мислам дека има сè повеќе напредно технолошко производство создадено од германските компании кои веќе се присутни на терен.

Во однос на вашето прашање како да се привлечат повеќе инвестиции, јас не би се фокусирала само на нови инвеститори, туку и на оние кои веќе се тука. А кога станува збор за привлекување нови високотехнолошки инвестиции, мислам дека секогаш може да се работи на рамката. Има многу административни процедури и доколку Северна Македонија успее да воспостави еден вид едношалтерски систем, доколку успешно ги надмине фрагментираните услуги во односите со инвеститорите, тоа многу ќе им го олесни влезот на пазарот на новите инвеститори.

Она што го бараат компаниите е ефикасност, предвидливост, добра инфраструктура и јасност околу тоа кој е соговорникот доколку треба да решат правни прашања, доколку им треба совет или каде да поднесат барања за дозволи – сите овие работи. Кога владата има проактивен пристап кон странските инвестиции, што е добра почетна точка, и ако успееме заедно да работиме на подобрени структури, мислам дека е можно Северна Македонија да стане центар и за напредна технологија.

Елида Зилбеари: Да се надеваме дека ќе биде така. Германија ја поддржува и нашата зелена транзиција. Имајќи предвид дека во голема мера се потпираме на јаглен, како е остварлива оваа транзиција, а притоа да се внимава да не им се наштети на работниците и на самата економија?

Петра Дрекслер: Па, енергетската транзиција е многу комплексно прашање и мислам дека амбициозните политички цели не се постигнуваат лесно – ниту тука во Северна Македонија, ниту во Германија или во другите европски земји. Значи, тоа е прилично голем предизвик.

Ви благодарам што споменавте дека Германија веќе долго време ја поддржува енергетската транзиција тука. Тоа датира од многу одамна – погледнете го воспоставувањето на првиот ветерен парк во регионот, во Богданци, кој беше изграден тука и почна со работа пред повеќе од 10 години. Оттогаш, ние континуирано инвестираме и соработуваме со владата и агенциите за да продолжиме по тој пат не само со заеми и инвестиции, туку и преку обуки и поддршка за проширување на енергетската мрежа, што е многу важно.

Сепак, тоа не е лесна цел. Во исто време, долгорочното потпирање на застарен извор на енергија како јагленот не е многу одржливо не само од еколошки причини, туку и од економски причини, како и поради понискиот квалитет на јагленот во иднина. Така што мислам дека и тоа не создава подобри услови за работниците и за локалната економија. Потребен ви е балансиран пристап кој ќе ја има предвид потребата и за енергетска независност и за суверенитет, а истовремено ќе одговори и на социјалните потреби. И единственото нешто што можете да го направите е да останете посветени и континуирано да работите на тоа за да стане успешна приказна за сите. Германија ќе остане на ваша страна во тој процес.

Елида Зилбеари: Ова е последното прашање, една порака за младите во Северна Македонија. Кога би требало да им кажете една реченица, која би била таа?

Петра Дрекслер: Верувајте во сопствената моќ да дејствувате. Младите луѓе тука се толку импресивни. Токму вчера бев со министерката за образование и неколку тинк-тенк организации на еден училишен проект за зајакнување на интегритетот во училиштата. Учествуваа многу ученици и бев многу импресионирана. Еден од наставниците ми рече: „Знаете, оваа генерација точно знае што сака.“

Елида Зилбеари: Убаво е да се слушне тоа. Ви благодарам за интервјуто, амбасадорке.

Петра Дрекслер: Ви благодарам.