Србија пред неизвесна ноќ, „Ќациленд“ се полни со мажи облечени во црно

„Ќациленд“ се полни со мажи облечени во црно, со ранци на грбот, јавуваат репортерите на неделникот „Време“. Тие се распоредуваат од двете страни на улицата „Крал Милан“, каде што ја обезбедуваат зградата на Републичката изборна комисија, како и пред Народното собрание.

„Ќациленд“ се полни со мажи облечени во црно, со ранци на грбот, јавуваат репортерите на неделникот „Време“. Тие се распоредуваат од двете страни на улицата „Крал Милан“, каде што ја обезбедуваат зградата на Републичката изборна комисија, како и пред Народното собрание.

Во Пионирскиот парк во центарот на Белград, пред затворањето на избирачките места на вонредните парламентарни избори во Србија, почна поставување шатори и придружна инфраструктура. Во исто време, засилено е полициското присуство околу паркот, а полициските сили се распоредени со целосна опрема за интервенции при демонстрации.

Сопствениците на угостителски и други деловни објекти во центарот на Белград почнаа да поставуваат дрвени заштитни плочи врз излозите, додека во Србија се одржуваат вонредните парламентарни избори, проследени со зголемено полициско присуство и пријави за инциденти.

Како што пренесува порталот „Нова.рс“, повикувајќи се на телевизијата Н1, сопствениците на локалите на улицата „Крал Милан“, во непосредна близина на Републичката изборна комисија и Претседателството на Србија, ги обезбедуваат стаклените излози со дрвени заштити.

Ваквите сцени се забележани во момент кога во центарот на Белград се распоредени голем број полициски сили, а пристапот до зградата на Републичката изборна комисија е блокиран со полициски огради.

Во меѓувреме, инциденти се пријавуваат и во други делови на Србија. Во Качарево, кај Панчево, граѓани опколиле ресторан во кој се наоѓала група од околу 30 мажи, за кои мештаните тврдат дека претходно предизвикале инцидент во Земјоделското училиште во Панчево. На местото пристигнала и полициска интервентна единица, која, според тврдењата на граѓаните, била ангажирана за смирување на ситуацијата и спречување нови инциденти.