Двете семејства заеднички го купиле станот на Ѓоко Ристов и неговата сопруга, тврдеше во суд нејзиниот татко

Стан од околу 150 квадратни метри, купен за 140.000 евра, бил финансиран со по 70.000 евра од двете семејства, тврди Ивица Зориќ, татко на Симона, сопругата на Ѓоко Ристов. Зориќ, кој одговараше на прашања во текот на судското рочиште, изјави дека парите биле предадени во готовина, во банкноти од 500 и 200 евра.

Стан од околу 150 квадратни метри, купен за 140.000 евра, бил финансиран со по 70.000 евра од двете семејства, тврди Ивица Зориќ, татко на Симона, сопругата на Ѓоко Ристов. Зориќ, кој одговараше на прашања во текот на судското рочиште, изјави дека парите биле предадени во готовина, во банкноти од 500 и 200 евра.

На прашање на обвинителот колкава е површината на станот, Зориќ одговори дека не ја знае точната квадратура, но дека станот е поголем од 140 квадратни метри, односно приближно 150.

Според неговото сведочење, станот бил купен за 140.000 евра, а двете семејства се договориле да учествуваат со еднакви износи во купувањето.

„При една наша фамилијарна средба се договоривме заеднички да учествуваме во купувањето на станот, по 70.000 евра од двете страни“, изјави Зориќ, според белешките од распитот.

Тој објасни дека одлуката била донесена бидејќи со сопругата имаат единствена ќерка, на која, како што рече, ѝ помагале во текот на животот и планираат да продолжат да ѝ помагаат.

На прашањето кому му ги предал парите, Зориќ одговори дека 70.000 евра им биле дадени на родителите од другото семејство, на една нивна средба.

„На една средба со сватот и сваќата им дадовме 70.000 евра“, изјави тој, додавајќи дека семејството било подготвено дополнително да учествува и во опремувањето на станот.

Зориќ тврдеше дека неговото семејство е материјално добро обезбедено и дека располага со наследен имот.

Особено внимание привлекува неговиот одговор на прашањето во какви банкноти биле предадени парите.

„Парите беа во евра, а банкнотите беа од по 500 и 200“, рече Зориќ.

Во текот на распитот обвинителството се осврна и на неговите објаснувања за семејните односи, забележувајќи дека било „симпатично“ да се слушнат семејните практики, по што постави дополнителни прашања поврзани со станот на улицата „Варшавска“ и недвижен имот во Охрид.

Во белешките од распитот се наведува и дека Зориќ изјавил оти лично не познава лице за кое бил прашан, туку го знае преку неговите јавни настапи на телевизија и портали.

Неговите тврдења за потеклото на парите, начинот на предавање и договорот меѓу семејствата се дел од сведочењето изнесено пред судот. Од достапните белешки не произлегува дали за предавањето на готовината бил приложен материјален доказ.