
„Охрид фест“ ја започнува потрагата по нова македонска музичка ѕвезда
Како што соопштуваат организаторите на фестивалот, ова е повик до сите оние кои со години пеат пред огледало, снимаат песни во домашно студио, настапуваат на мали сцени или едноставно чекаат некој конечно да им каже: „Сега е твоето време.“
Интернационалниот музички фестивал „Охрид фест – Охридски трубадури“, еден од најзначајните фестивали во Македонија и регионот, отвора ново поглавје во својата богата историја и распишува јавен конкурс за избор на две нови музички лица – еден машки и еден женски вокал.

Како што соопштуваат организаторите на фестивалот, ова е повик до сите оние кои со години пеат пред огледало, снимаат песни во домашно студио, настапуваат на мали сцени или едноставно чекаат некој конечно да им каже: „Сега е твоето време.“
Македонската сцена ги памети незаборавните емоции што ги оставаше Тоше Проески, неповторливата автентичност на Маја Оџаклиевска, моќниот вокал на Калиопи, елеганцијата на Каролина Гочева и многу други уметници кои испишаа и се уште ја испишуваат музичката историја.
Но, фестивалот не бара нов Тоше. Не бара нова Калиопи. Не бара нова Каролина. Бара личност која ќе биде своја. Бара глас што ќе ја допре публиката. Бара харизма што не се учи. Бара песна што ќе остане. Шансата е отворена за сите таленти. Право на учество имаат сите талентирани пејачи и пејачки кои веруваат дека имаат квалитет, потенцијал и желба да ја започнат својата професионална музичка кариера.

За пријавување потребно е да испратат: една или две демо аудио снимки, или веќе готови студиски песни.
Конкурсот ќе биде отворен од 1 ноември 2026 година до 15 јануари 2027 година, по што стручната комисија на фестивалот ќе ги избере двата најперспективни вокали кои ќе добијат можност да станат дел од големото семејство на „Охрид фест – Охридски трубадури“.
Повеќе од три децении „Охрид фест“ е сцена на која се родиле бројни хитови, се претставиле стотици домашни и регионални изведувачи и започнале кариери што денес се дел од музичката историја. И токму затоа овој конкурс има многу поголема вредност од обично пријавување. Тоа е можност нечиј сон да стане реалност. Можност едно непознато име утре да стане препознатливо низ целата држава.
Сите заинтересирани своите демо или готови аудио снимки треба да ги испратат на: ohridfestofficial@gmail.com со назнака: „Одбираме нова македонска музичка ѕвезда“.