Пендаровски: Модификуваниот француски предлог е далеку подобар за нас од претходниот

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ми соопшти, а јас тоа му го пренесов и на нашиот премиер Димитар Ковачевски, дека Франција како претседавач со ЕУ ќе направи модификации во предложениот текст на преговарачката рамка, информира шефот на државата Стево Пендаровски од Мадрид, додавајќи дека овој предлог е далеку подобар за нас од претходниот.

– Не станува збор за нов предлог. На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Меѓутоа, ние рековме да не ја повториме грешката од минатиот пат, не може никој – не претседател, не премиер – никој не може да зборува во име на цела нација, на цела држава, постојат надлежни институции кај нас. Ние не сме не знам која држава од трети, четврти свет. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот Парламент, вели Пендаровски во изјава за Сител.

Шефот на државата изјави дека е запознат со содржината на предлогот, но како што вели „џентлменски“ е да не го коментира додека не добиеме официјален одговор од Софија и од Скопје.

– Ќе се очекува од двете страни да го соопштат својот став и тука имам мала резерва за Софија, затоа што таму е поприлично хаотична политичката ситуација во која нема Влада, Владата е падната, а министерката за надворешни работи која е практично најистурениот играч од нивна страна во овие разговори, поднесе оставка неколку дена пред Владата да падне, изјави Пендаровски, кој учествува на Самитот на НАТО во Мадрид.

Тој нагласува дека овој модификуван француски предлог е далеку подобар за нас од претходниот.

– Дали е тоа доволно добро засега ќе се воздржам, бидејќи сакам тоа да помине еден поширок круг на консултации кои за жал на препорака на нашите сојузници не ги правевме минатиот пат за да не ја загрозиме, како не замолија тие, сензитивноста на процесот. Мораме да ги искомуницираме граѓаните, луѓето, политичките субјекти затоа што знаете ние се обидуваме да направиме договор кој ќе трае. Не можеме да стоиме за договор кој не ни дава ништо во рака, а во рака мораме да имаме гаранција за македонскиот идентитет и гаранција дека никогаш јазик, националност нема да биде споменато никаде од сега па во иднина било колку и да траат преговорите. Значи, ако тоа не го добиеме со гаранции на ЕУ, не на Софија, туку на ЕУ и на Брисел ние не можеме да влеземе понатаму во процесот, додаде Пендаровски.