
Украински дронови извршија напад врз нафтен терминал, складиште за нафта, индустриски магацини и центар за податоци во Санкт Петербург.
Санкт Петербург и Ленинградската област во текот на ноќта беа цел на масовен напад со украински беспилотни летала. Едно лице загина, а петмина други се повредени, изјави гувернерот Александар Беглов, пренесува Ројтерс.
Меѓу погодените цели се нафтен терминал во Санкт Петербург, центар за податоци на компанијата „ВКонтакте“ и логистички центар на „Озон“.
Според гувернерот Александар Дрозденко, во текот на ноќта над Ленинградската област биле соборени повеќе од 144 дронови.
Гувернерот Беглов изјави дека во Санкт Петербург избувнале пожари во окрузите Невски, Красноселски, Красногвардејски и Московски, како и во складиштето за нафта „Ручји“и во индустриски магацини во округот Колпински.
Како што пренесува „Москва тајмс“, во нападот со украински дронови биле оштетени и 12 станбени згради, како и две приватни куќи.
Каналот за следење „Ексиленова+“ и медиумот „Астра“известија за напад врз нафтениот терминал во Санкт Петербург – еден од најголемите комплекси за претовар на течни товари во балтичкиот регион, со годишен капацитет од 12,5 милиони тони. Компанијата „Фаер поинт“ наведе дека објектот бил погоден со дронови од типот „ФП-1“ (FP-1).
Прес-службата на „ВКонтакте“ потврди дека бил извршен напад со дронови врз еден од центрите за податоци на компанијата во Ленинградската област. Од „ВКонтакте“ велат дека нивните услуги продолжуваат да функционираат нормално.
Од „Озон“ соопштија дека вработените биле евакуирани по нападот врз логистичкиот центар во Санкт Петербург; нема информации за жртви или повредени. Стоката што се чувала во оштетениот објект е привремено отстранета од понудата на онлајн продавницата.
Истражниот комитет на Русија покрена кривична постапка под обвинение за „терористички чин“.