
Најголема желба на Македонија е нејзиниот пат кон ЕУ и полноправното членство да биде заснован врз заслугите, а не оптоварен со историјата или минатото, порача денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со неговата бугарска колешка, Велислава Петрова Чамова.
Муцунски истакна дека Македонија е целосно усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и дека, според досегашното искуство и резултатите, се докажала како одличен кандидат за членство. Тој ја парафразираше претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која, како што рече, при неодамнешната посета на Скопје ја пофалила работата на земјата во рамките на Реформската агенда, со помош од еврокомесарката за проширување Марта Кос и нејзиниот тим. Министерот додаде дека проширувањето отсекогаш било политичка одлука што ја носат земјите-членки со консензус, посочувајќи дека Македонија ќе продолжи одговорно и проактивно да работи на изнаоѓање решенија.
-Ние ќе го направиме нашиот дел. Ќе бидеме одговорни, ќе бидеме проактивни во изнаоѓањето решенија за прашањата, но решението никогаш не зависи исклучиво од нашата страна – рече Муцунски.
Тој порача дека Македонија во односите со соседите и со земјите-членки на ЕУ ќе продолжи да се раководи од добрата волја и почитувањето на меѓународното јавно право.

Петрова Чамова оцени дека има напредок кај земјите од Западен Балкан во процесот на европската интеграција и изрази надеж дека тоа ќе се однесува на сите земји од регионот, вклучително и нашата. Таа нагласи дека секторската соработка е важна, но дека за напредок е потребна и континуирана политичка волја.
-Важно е да ја одржуваме секторската соработка, но таа е само еден елемент, и важно е политичката волја во оваа насока да продолжи да постои, за навистина во следните години да видиме развој и во оваа насока – рече Петрова Чамова.
Во однос на претстојната средба таа изјави дека ја гледа како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу двете земји и посочи дека очекува довербата да се гради преку конкретни чекори и исполнување на преземените обврски.
-Ја доживувам оваа средба како нормален дел од билатералниот дијалог меѓу две земји. Што се однесува до градењето доверба, сметам дека најдобриот пристап за градење доверба е исполнувањето на преземените обврски – додаде таа.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, одговарајќи на прашањето за очекувањата од средбата, рече дека двајцата министри самите ќе соопштат по неа, но нагласи дека за Европската комисија особено важно е градењето доверба и соработката во областите каде што тоа е можно. Според неа, токму тоа може да ги отвори вратите за поширока соработка, а регионалната соработка и добрососедските односи се меѓу основите на Европската Унија.
-Многу е важно да се гради довербата. Ние сме на добар пат, а исто така сме на пат да соработуваме во областите каде што тоа е можно, и можеби тоа може да ни ги отвори вратите за поширока соработка – рече Кос.

Таа нагласи дека Коридорот 8 е пример за европскиот проект и за поврзувањето на земјите, посочувајќи дека Северна Македонија и Албанија се земји кандидати, Бугарија е земја членка, а мрежата на поврзаност може да се прошири и кон Романија, Грција, Италија и Косово.
Кос порача дека иако многу земји, како што вели, имаат заедничка историја, фокусот треба да биде на иднината и на она што може да се постигне заедно.
-Многу земји имаат заедничка историја. Добро е што го признаваме тоа, но да гледаме кон иднината и кон она што можеме заедно да го постигнеме – истакна Кос.