Камерен концерт „Резонанца“ во Салон „19’19“

Камерен концерт „Резонанца“, во рамки на проектот „Македонски музички текови 2026“, поддржан од Град Скопје ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во Салонот „19’19“ на Културно-информативниот центар – Скопје.

Камерен концерт „Резонанца“, во рамки на проектот „Македонски музички текови 2026“, поддржан од Град Скопје ќе се одржи вечерва со почеток во 20 часот во Салонот „19’19“ на Културно-информативниот центар – Скопје.

На концертот ќе настапат Филип Петрески – хармоника, Александра Чуруковска – контрабас и Тамара Коминовска – пијано. Влезот за концертот е слободен.

„Резонанса“, како што се наведува во најавата, го истражува несекојдневниот музички дијалог меѓу хармониката и контрабасот, со пијаното како дополнителен звучен елемент во дел од програмата. Трите инструменти, со своите специфични звучни карактери, создаваат простор во кој се среќаваат различни музички традиции, епохи и стилови.

Програмата опфаќа дела од Ј. К. Бах, Франц Шуберт, Ернесто Лекуона, Викторија Зубицка и Џовани Ботесини, претставувајќи различни аспекти на камерното музицирање – од барокната јасност и романтичната мелодичност, до темпераментниот и виртуозниот израз.

Посебно место имаат делата во кои до израз доаѓаат богатите звучни и технички можности на хармониката и контрабасот, инструменти кои поретко се среќаваат во ваков камерно-музички контекст.

Филип Петрески е магистер по музичка изведба – хармоника на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. м-р Зорица Каракутовска. Во текот на своето образование и професионална кариера има освоено бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Меѓу значајните достигнувања се издвојуваат Златниот медал на интернационалниот натпревар „Italy Award“ во Италија, настапот како солист со Македонската филхармонија во 2025 година, како и учеството на фестивалот „Денови на македонска музика“. Активно настапува како солист и член на различни камерни состави во земјата и странство.

Александра Чуруковска е дипломирана контрабасистка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и членка на Македонската филхармонија. Како солист и оркестарски музичар настапувала со повеќе домашни и меѓународни ансамбли, меѓу кои Европскиот младински симфониски оркестар – ESYO и „Camerata Balcanica“. Во 2021 година го реализира својот прв солистички концерт „Романтичните звуци на контрабасот“, а во 2025 година настапува како дел од камерниот оркестар „Ајга“ на EXPO во Осака, Јапонија.

Тамара Коминовска е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Во текот на своето образование е добитник на повеќе државни и меѓународни награди, меѓу кои први награди на натпреварите „Даворин Јенко“ во Белград и „Охрид те сакам“. Како пијанистка настапувала како солист со Македонската филхармонија, на фестивалот „Concerti del Tempietto“ во Рим, како и на фестивалите „Денови на македонска музика“ и „Златна Лира“.

-Концертот „Резонанса“ отвора простор за средба на три различни инструментални бои и заедничко музичко истражување во кое секој инструмент го задржува својот карактер, но истовремено станува дел од една поширока звучна целина, се вели во соопштението на Културно-информативен центар – Скопје.