
Меѓународната манифестација посветена на хуморот и сатирата “Ин Виница Веритас” започна синоќа во Општина Виница.

Градоначалникот Митко Костадиновски пред присутните истакна дека „Ин Виница Веритас“ е многу повеќе од културен настан. Тој смета дека фестивалот е дел од идентитетот на Виница, сведоштво за духовноста на виничани, за нивната отвореност и гостопримливост, но и за смислата за хумор што тие со генерации ја негуваат.
-Фестивалот е место каде што се среќаваат автори, карикатуристи, писатели, уметници и љубители на сатиричната уметност, место за творење, размена на идеи и инспирација. Хуморот зближува, сатирата освестува, а вистината понекогаш најдобро се кажува со насмевка, рече Костадиновски.
На чинот на отворањето на изданието на „Ин Виница Веритас“ за 2026 му претходеше изложба на 50 – те најдобри карикатури од меѓународниот конкурс на тема „винска дипломатија“, на кој учествуваа 113 карикатуристи од 32 држави со над 250 испратени карикатури.

Првонаградена е карикатурата на еден од најмладите учесници на конкурсот, кумановецот Методија Стојановски, кој активно се занимава со стрип и визуелно раскажување. Втората награда е за карикатурата чиј автор е Силвано Мело, карикатурист и илустратор од Бразил, добитник на повеќе од 100 награди на национални и интернационални фестивали ширум светот. Третонаградена е карикатурата на Константин Казанчев, Украинец, добитник на околу 200 награди на меѓународната сцена.
Признанието на град Виница за најуспешна карикатура на учесник на конкурсот од Македонија беше доделено на Софија Ситновска од Македонска Каменица, претставник на најмладата генерација македонски карикатуристи.

Годинава фестивалот носи новина, го воведува кункурсот за сатирична поезија, со што „Ин Виница Веритас“ го отвора просторот за уште еден моќен јазик на хуморот – јазикот на стихот.
Првиот ден од виничкиот фестивал на хуморот и сатирата заврши со театарската претстава „Не се клади на Енглези“, продукција на Домот на култура ,,Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци.

Изданието на „Ин Виница Веритас 2026“ ќе трае до 10 октомври. Министерството за култура и туризам е главен негов поддржувач, заедно со Општина Виница и неколку општествено одговорни компании.