Успехот на Црна Гора е нов замав за проширувањето, вели Марта Кос

Комесарката за проширување упати големи пофалби за реформските напори на Подгорица на министерскиот состанок на Берлинскиот процес

Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, денеска во Пржно, Црна Гора, на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, изјави дека Европската комисија на 6 октомври ќе изнесе дополнителни идеи за тоа како може да се прошири постепената интеграција во ЕУ и истакна дека тоа не претставува замена за полноправно членство.

Кос, во Црна Гора, отворајќи го собирот под наслов „Западниот Балкан во Европа која се менува“, истакна дека проширувањето на ЕУ е стратешки потфат. Таа ѝ честиташе на Црна Гора за реформските резултати на владата, укажувајќи дека земјата затворила 18 преговарачки поглавја, а се очекува затворање на уште неколку на следната меѓувладино конференција во средината на октомври.

„Сега сте во самата завршница, затоа сочувајте ја сета енергија за преговорите што претстојат. Ова ваше достигнување во Црна Гора создаде нов замав за проширувањето во целиот регион на Западниот Балкан“,рече Кос на собирот.

Таа додаде дека и Албанија е дел од тој нов замав.

„Вашата земја многу добро напредува на патот на реформите. Сите преговарачки поглавја се отворени, а три веќе затворивме, додека оваа година нè очекува затворање на уште многу други. Можам да кажам дека 2026 година е веќе рекордна кога е во прашање проширувањето. За девет месеци од оваа година отворивме или затворивме повеќе поглавја отколку во која било претходна година во последните 25 години“, рече Кос.

Таа наведе дека понекогаш добива прашање како да се задоволат геополитичките потреби за проширување со принципот базиран на заслуги, и одговори дека тука нема конфликт и дека тоа оди „рака под рака“.

„Геополитиката одредува зошто проширувањето е важно и колку итно мораме да дејствуваме. А ние се држиме до принципот базиран на заслуги, бидејќи токму заслугите ги одредуваат условите, како и тоа кој е подготвен за пристапување и кога. Кога размислуваме за предностите од проширувањето, мислиме и на безбедноста. Тоа е клучен елемент“, рече Кос.

Според неа, живееме во свет на жестока геостратешка конкуренција каде што старите сојузништва бледеат, а се создаваат нови.

„Меѓусебната зависност се користи како оружје, а се соочуваме и со директни напади врз нашата демократија и начин на живот. Процесот на проширување всушност значи преземање контрола врз сопствената судбина во Европа“, рече Кос.

Станува збор за тоа, како што додаде, да бидеме силен трговски блок, бидејќи ниту една европска земја не би можела да опстане сама.

„Регионалната интеграција и добрососедските односи претставуваат неизбежен елемент на нашата безбедност и внатрешна кохезија. Тоа од самиот почеток е во сржта на Берлинскиот процес, а тој дух е присутен и денеска овде. Втората важна работа е конвергенцијата. Усогласувањето со стандардите на ЕУ подразбира поволно деловно опкружување и владеење на правото. Тоа носи предвидливост и правна сигурност, и води кон инвестиции, раст, нови работни места и просперитет“,рече Кос.

Според неа, новата студија на ММФ, објавена овој месец, предвидува дека првите десет години од членството во ЕУ би можеле да доведат до зголемување на БДП по глава на жител за една третина, а за петнаесет години – за речиси половина.

„Тоа е нивото што го достигнаа земјите кои ѝ се приклучија на Унијата во 2004 година. Исто така, и државите членки на ЕУ остварија значајна корист“, рече Кос.

Таа најави и дека Европската комисија ќе изнесе дополнителни идеи за тоа како може да се прошири постепената интеграција и дека тоа ќе се случи следната недела, на 6 октомври, а основната идеја е „повеќе Европа пред членство“, иако, како што рече, тоа не претставува замена за полноправно членство.

„Тоа мора да биде јасно. ЕУ нуди заедничка иднина во која конфликтите од минатото губат на значење. Не заборавајте, интеграцијата во ЕУ е простор за помирување. Не смееме да заборавиме дека европската интеграција е изградена врз одлуката на некогашните непријатели да ги залечат раните од минатото“, рече таа.

Кос порача и дека тоа е огромна можност и за Западниот Балкан.

„Таму каде што соседите заеднички ќе се соочат со наследството од минатото, старите поделби со текот на времето можат да исчезнат, а тоа е од клучно значење за внатрешната кохезија и општествената стабилност на проширената Европска унија. Затоа, ајде отворените билатерални прашања да ги решаваме во духот на Берлинскиот процес, преку добрососедски односи, регионална интеграција, меѓусебна доверба и соработка. Да ја искористиме оваа можност за проширување на ЕУ, заради иднината на оваа и на следните генерации“, истакна Кос.

На состанокот учествуваат шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, високи претставници на земјите-членки на Берлинскиот процес, Европската унија и регионалните организации.

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја истакна важноста на Берлинскиот процес на патот кон ЕУ. Тој рече дека Берлинскиот процес делува како забрзувач на патот кон европската интеграција.

„За да се приближиме кон Европската унија, самиот регион мора да ги иницира овие промени и навистина да преземе одговорност за нив, надминувајќи ги политичките и другите пречки. ‘Регион во движење, кој ги предводи промените’ – ова внимателно избрано мото ги опишува и реалноста и амбицијата во исто време. Исто така, го покажува патот напред кон Европската унија. Црна Гора е вистинското место за разговор за овој пат кон иднината со нашите партнери од Берлинскиот процес. Дваесет години по стекнувањето независност, оваа земја тропа на вратата на Европската унија. Верувајте ми, тоа тропање може да се чуе во Брисел и во сите европски престолнини“, рече Вадефул.

Македонија на состанокот ја претставува заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски. Тој во своето обраќање рече дека политиката на проширување на Европската унија е клучна за демократската трансформација, владеењето на правото и унапредувањето на добрососедските односи, а кредибилната европска перспектива е од суштинско значење за стабилноста и безбедноста на регионот.

Во тој контекст, тој нагласи дека билатералните прашања не треба да претставуваат пречка на патот кон ЕУ, затоа што тие ризици ја слабеат европската перспектива, а со тоа и безбедноста и отпорноста на земјите од регионот и на Европа. „Со нашиот источен сосед сакаме европски, а не средновековен дијалог – дијалог за иднината, а не за историјата. Во процесот на пристапување кон ЕУ треба да ги трансформираме институциите и да воспоставиме правна држава, а не да го трансформираме идентитетот и да го менуваме историскиот наратив“, истакна Димитровски.

Домаќин на состанокот е вицепремиерот и министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, кој рече дека Црна Гора мора да работи на реформите.

„Сè уште треба да работиме на реформите, но она што е исто така важно е да ги намалиме политичките тензии. Сè уште имаме работа како дел од европската интеграција и мора сами да го подготвиме процесот на трансформација“, рече Ибрахимовиќ.