
Градоначалник на Белград нападнал опозициска советничка. Ѝ го скршил носот
И Александар Вучиќ ја критикува постапка на Александар Шапиќ, кој е од неговата партија.
Градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, од Српската напредна партија, синоќа беше вклучен во сериозен инцидент откако наводно удрил советничка од движењето „Крени-промени“ и ѝ го скршил носот.
Движењето „Крени-промени“објави дека Шапиќ ја нападнал нивната советничка Тања Миќиќ додека шетала со својот сопруг и кучето.
Според нивните изјави, лекарскиот преглед открил фрактура на левата носна коска и дел од горната вилица.
По инцидентот, Шапиќ бил однесен во полициската станица Нови Београд, но набрзо бил пуштен.
Во видеото што движењето го објави на мрежите, советничката Миќиќ тврди дека Шапиќ ги нападнал неа и нејзиниот сопруг откако се сретнале со градоначалникот додека го шетале своето куче.
„Градоначалникот се нафрли врз мене, тврдејќи дека носам луѓе пред неговата куќа и дека кој знае што правам. И тргна да го удира мојот сопруг, јас застанав мешу нив, ме удри по носот и ми го раскрвари носот“, истакна Миќиќ.
Според „Крени-промени“, во медицинскиот извештај се наведува:
„Фрактура на левата носна коска и фронталниот процесус на максилата од левата страна со поместување“.
Крени-Промени објави дека ќе поднесе барање до Градското собрание на Белград за разрешување на Александар Шапиќ од функцијата градоначалник.
Третото основно јавно обвинителство во Белград издаде соопштение за инцидентот.
Како што истакнуваат, синоќа дежурниот јавен обвинител бил известен дека Миќиќ и нејзиниот сопруг биле физички нападнати од градоначалникот, по што обвинителот дал наредба да се сослушаат сите учесници во настанот, а повредените да се упатат во здравствена установа за лекарски прегледи.
Осомничениот бил однесен во полициската станица, каде што е извршено тестирање за присуство на алкохол и психоактивни супстанции во неговата крв и е утврдено дека нема нивно присуство, и е задржан до завршување на лекарскиот преглед на повредениот, се вели во соопштението на обвинителството.
Како што додаваат, дежурниот јавен обвинител бил известен дека жртвите биле прегледани во Ургентниот центар, дека им биле констатирани полесни повреди, по што Татјана Мициќ била испратена на преглед кај максилофацијален хирург поради повреди во пределот на главата за да се утврди степенот на повредите.
„Полицијата, по наредба на обвинителот, цело време ги следела прегледите на повредените, така што, според сознанијата на обвинителството, откако била упатена кај максилофацијален хирург, оштетената го напуштила Ургентниот центар, а според сознанијата на полицијата, таа дури и не отишла кај максилофацијален хирург“, истакнуваат тие.
„Поради истекот на законскиот рок, а бидејќи се исцрпени сите механизми предвидени со закон, Александар Шапиќ беше пуштен од просториите на полициската станица, а против него ќе бидат преземени понатамошни предистражни дејствија по утврдувањето на фактичката состојба“, се истакнува во соопштението за медиумите.
Носителот на изборната листа на „Обединета Србија“ и член на Претседателството на СНС, Александар Вучиќ, денес изјави дека „нема оправдување за Александар Шапиќ и она што го направи“.
„Морал да се тргне. Морал да оди на другата страна од улицата“, изјави Вучиќ за „Информер“.
Му порача на Шапиќ дека е на јавна функција и дека не може да си го дозволи тоа.
„Ти, како јавен функционер, не смееш да си дозволиш, кога ќе видиш дека некој те провоцира и дека некој сака да направи гужва, да не се тргнеш оттаму. Прави што сакаш, само не учествувај во тоа. А одговорноста за тоа е исклучиво на Александар Шапиќ“, рече Вучиќ.
Тој изјави дека синоќа разговарал со Шапиќ, кој, според него, бил тестиран и за дрога и за алкохол.
„Тој е негативен и за двата. Тој беше задржан до 6,30 часот утрово од страна на полицијата, беше испрашуван“, рече Вучиќ.
Шапиќ ги негира обвиненијата. Тој за „Инсајдер“ изјави дека „не сака да учествува во претставата за медиумите“, тврдејќи дека оние што неколку пати донеле луѓе во неговата куќа се обидуваат да ја направат таа претстава.
Александар Шапиќ рече дека „овој пат се обиделе да го нападнат и него, прво вербално, а потоа и физички“, пренесува „Инсајдер“.
„Кога ги прашав зошто ја споделиле мојата адреса на интернет, донеле луѓе во мојата куќа и ми се заканувале, почнаа да ме напаѓаат. Имаше кошкање. Не ја удрив жената, туку ја турнав за да се одбранам од нејзиниот сопруг“, рече Шапиќ.
Тој исто така вели дека никогаш не нападнал прв, и додава дека никогаш во животот не удрил жена.
„Никогаш не сум дошол во ничија куќа, ниту ќе дојдам. Но, исто така, никогаш не сум бегал од никого, ниту ќе бегам, особено не од оние кои мислат дека сè им е дозволено“, рече Шапиќ.