Џафери за Адеми: Го испровоцираа, ама никој не треба така да реагира!

Собранискиот спикер Талат Џафери денеска на брифинг со новинарите го коментираше однесувањето на неговиот сопартиец Арбр Адеми во Комисијата за европски прашање. Тој рече дека не го оправдува однесувањето на Адеми, меѓутоа, а за немилиот настан рече дека бил испровоциран.

„Немам надлежност да побарам одговорност, тоа се пратеници, а не службеници. Поуката е дека тоа не смее да се случува во Собрание, а нема да се случи доколку тој што е пратеник си седи на место“ – рече Џафери, додавајќи дека инцидентот не го предизвикал Адеми, туку „тие кои отидоа на говорница и кои го искорнаа микрофонот“.

Сепак Џафери истакна дека тоа не е добро да се случува.

„Никој не треба да реагира така, ни власта, ни опозицијата. Тој е поединец, не оправдувам, туку упатувам порака да не се повторува, да не се случува, а нема да се случи ако никој не испровоцира. Ова е Законодавен дом тие се пратеници и имаат индвиидуална одговорност, тоа се прописите“ – рече Џафери.