„Русија претставува „директна закана” за безбедноста на земјите на НАТО кои се собраа на самитот во Мадрид“. Ова го изјави денеска генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг.
„На самитот, на кој за првпат од 2010 година треба да се ревидираат насоките на НАТО, ќе ставиме до знаење дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност“ рече Столтенберг.
Во последниот Стратешки концепт усвоен во 2010 година, Русија беше дефинирана како стратешки партнер на НАТО.
„Тоа нема да биде случај во стратешкиот концепт за кој ќе се договориме во Мадрид. Очекувам сојузниците јасно да кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности, меѓународниот поредок заснован на правила“ – изјави Столтенберг.
За него самитот во Мадрид е историски, бидејќи НАТО минува низ „најсериозната безбедносна криза од Втората светска војна”.