
Поранешниот претседател на Косово и еден од поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Хашим Тачи, денеска во Хаг е прогласен за виновен за повеќе воени злосторства и е осуден на 25 години затвор.
Пресудата ја изрекоа Специјализираните совети на Косово во Хаг, во процесот во кој покрај Тачи осудени се и поранешните високи функционери на ОВК – Кадри Весели (18 години затвор), Реџеп Селими (13 години затвор) и Јакуп Красниќи (на 25 години затвор).
Според образложението на судскиот совет, Тачи е прогласен за виновен за противзаконско апсење како воено злосторство над најмалку 386 лица, сурово постапување, мачење и убиства. Судот утврди дека припадници на ОВК извршиле убиства на 96 лица кои активно не учествувале во борбите, во периодот од април 1998 до јуни 1999 година.
Меѓу лицата кои биле цел на овие дејствија, според судските наоди, имало политички и воени противници на ОВК, лица поврзани со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и ФАРК, лица поврзани со тогашните југословенски власти, како и припадници на етничките малцинства, меѓу кои Срби и Роми.
Судскиот совет истовремено заклучи дека обвинителството не успеало да ги докаже потребните елементи за злосторства против човештвото, вклучително и постоењето на широко распространет напад врз цивилното население.
Во образложението на пресудата беше наведено и дека Тачи имал сознанија за значителен број злосторства извршени врз лица кои биле сметани за противници. Судот утврдил дека тој дал суштински придонес во заедничкиот криминален план и дека во одредени случаи лично учествувал во злосторства.
Тачи, Весели, Селими и Красниќи се во притвор во Хаг од ноември 2020 година. Судскиот процес започна во април 2023 година, а во текот на постапката беа сослушани повеќе од 130 сведоци. Завршните зборови беа одржани во февруари годинава.
Четворицата обвинети во текот на постапката се изјаснија дека не се виновни. Одбраната на Тачи тврдеше дека нема докази кои директно го поврзуваат со злосторствата за кои беше обвинет.
Станува збор за првостепена пресуда.