Германија и САД ја зајакнуваат соработката во наменската индустрија

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, и неговиот американски колега, Пит Хегсет, синоќа во Вашингтон потпишаа декларација со намера за потесна соработка во одбранбени проекти, објави ДПА.

Германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, и неговиот американски колега, Пит Хегсет, синоќа во Вашингтон потпишаа декларација со намера за потесна соработка во одбранбени проекти, објави ДПА.

„Германија и САД го делат ставот дека актуелните предизвици во безбедносната политика бараат солидна и добро поврзана одбранбена индустриска база од двете страни на Атлантикот“, соопшти германското Министерство за одбрана по средбата на двајцата министри.

Во соопштението уште стои дека двете земји имаат силни одбранбени индустрии што можат и треба уште потесно да се надополнуваат во иднина, вклучително и во производството на најсовремени оружени системи, компоненти и комплексна муниција.

Високата побарувачка на одбранбена опрема бара зголемување на производствениот капацитет, пократки рокови за испорака и сигурно снабдување од двете страни на Атлантикот, со цел да се гарантира безбедноста на Алијансата преку навремени испораки и оперативна готовност.

Декларацијата со намера поставува политичка рамка за идни проекти, соопшти германското Министерство за одбрана. Таа опфаќа развој, производство, лиценцирано производство и одржување на одбранбена опрема.

Целта е, како што пишува ДПА, да се зајакнат синџирите на снабдување, да се преиспитаат правилата за трансфер на технологии, како и да се интензивира соработката во истражувањето и развојот.