Москва смета дека извештајот на МААЕ не ја одразува состојбата во нуклеарката Запорожје

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска изјави дека Москва смета дека извештајот на генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, под наслов „Нуклеарна безбедност, физичка нуклеарна безбедност и гаранции во Украина“ не ја одразува вистинската состојба околу нуклеарната електрана Запорожје.

„Овој документ го оценуваме како политички пристрасен и тој не ја одразува реалната ситуација околу нуклеарната електрана Запорожје“, се наведува во коментарот на Захарова објавен на веб-страницата на руското Министерство за надворешни работи по повод извештајот објавен во пресрет на седницата на Советот на гувернери на МААЕ, која почна на 7 септември.

Како што се наведува во коментарот, „таков заклучок може да се извлече уште врз основа на фактот што во извештајот се игнорира фактот дека оваа најголема нуклеарна електрана во Европа ѝ припаѓа на Русија“.

Според Захарова, во документот се констатира сериозно влошување на ситуацијата во Запорошката нуклеарна електрана, но генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, како што оцени таа, и понатаму избегнува директно да му ја припише на Киев одговорноста за нападите врз инфраструктурните објекти на електраната, убиствата на нејзините вработени, психолошкиот притисок врз нивните семејства и блиски, обидите за загрозување на снабдувањето на електраната со струја и други дела за кои Москва ја обвинува украинската страна.

Во коментарот исто така се наведува дека во извештајот не е споменато откажувањето на планираната посета на Гроси на нуклеарната електрана Запорожје и Енергодар на 20 и 21 август.