„Секогаш кога темата правда е на дневен ред во Собранието ВМРО-ДПМНЕ е нервозна, деструктивна, прави тензии а вчера дури се обиде да испровоцира и физичка пресметка на седницата на Комисијата за европски прашања“ велат од СДСМ по синоќешниот инцидент во Собранието.
„ВМРО-ДПМНЕ жестоко ги брани криминалците на режимот и секогаш ама секогаш е против функционален судски систем. Проблемот со недостаток на судии ВМРО-ДПМНЕ не сака да се реши само за да се намали ефикасноста на судскиот систем и во надеж дека тоа ќе значи забавување на предметите кои директно водат до Белиот дворец. Затоа ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се труди да ја блокира Собраниската комисија, да не се продолжи мандатот на судиите и така да се забават судските предмети“ е пораката од владејачката партија.
Оттаму велат дека „Антонио Милошоски, за кого има веќе неколку предмети, е главен иницијатор на тензиите во Собранието, можеби затоа што лично е засегнат“.
„Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ да се однесува агресивно и деструктивно кога се работи за закони за правдата, така се однесуваше и при носењето на Законот за Јавно обвинителство, го блокира и Законот за Академија за судии и јавни обвинители. Ако досега не му беше јасно на ВМРО-ДПМНЕ треба да му стане јасно, никој нема да побегне од правдата. СДСМ и парламентарното мнозинство нема да дозволат хаос“ велат од партијата.