Инцидентот на собраниската Комисија за европски прашања синоќа го натера претседателот на Собранието – Талат Џафери да свика итна координација на која биле поканети сите координатори и претставници на политичките партии во Собранието.
Сепак, според информациите, на координацијата дошле само координаторот на пратеничката група на СДСМ – Јован Митревски, потпретседателот на Собранието – Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива – Сафије Садики Шаини.
Не присуствувале претставниците од опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и од Алијансата на Албанците.
Синоќа во Собранието имаше жестока кавга меѓу претседателот на собраниската Комисија за европски прашања и поранешен министер за образование Арбер Адеми со пратениците од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ.
Малку недостасуваше да дојде до тепачка, летаа филџани од кафе, шишиња, имаше закани и пцости, а сето тоа се случуваше непосредно пред гласањето на дневниот ред, на кој се најде и Законот за работата на судовите, со кој се предлага работниот век на судиите да се продолжи до 67 години.