Инцидент во Собранието – ВМРО-ДПМНЕ го обвини Арбер Адеми за насилство и навреди

ВМРО-ДПМНЕ го обвини пратеникот Арбер Адеми од ДУИ за насилничко однесување и навреди во Собранието. Од партијата објавија и видео од седницата на Комисијата за европски прашања, чиј претседател е Адеми, на која се гледа однесувањето на Адеми.

„Поранешниот министер за образование на ДУИ и СДСМ необразовано физички се пресметува со колеги пратеници, демонстрира насилие. Вака се однесува претседателот на КЕП! Понижување, насилство и навреди во Собрание! Македонија наместо Европа стана див запад со ’каубоите‘ од власта!“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Видеото е споделено на Фејсбук со коментарот од пратеникот Лефков. Се гледа како доаѓа до расправија помеѓу Адеми, како претседател на Комисијата и пратеници од опозицијата, кои реагираат доаѓајќи пред претседателската маса, незадоволни од начинот на водењето на седницата. Адеми не издржа, стана да вика, а во еден момент дофати предмет, всушност некаква тацна и ја фрли кон некого, или пак неодредено, кон опозицијата.

нцидентот предизвикан од караницата меѓу претседателот на Комисијата за европски прашања и групата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата заврши без сериозни физички повреди. Конфликтот ескалира откако претседателот на Комисијата, Арбер Адеми, се обиде да ја затвори расправата за дневниот ред на денешната седница, по што на говорницата во обид да земат збор, буквално со трчање, излегоа двајца пратеници на Алијансата, Халил Снопче и Елми Незири а зад нив, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, го исклучи микрофонот на говорницата од која се води седницата.

Веднаш по неа пред позицијата од која се раководи со седницата излетаа повеќемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, од кои, како што се гледа и на снимката, Антонијо Милошоски го крши микрофонот пред претседателот на Комисијата. Адеми почнува да треска на пултот и да вика по пратениците кои се наоѓаат пред неговата маса. На снимката не се слуша какви зборови си разменуваат, но во еден момент, Адеми ја зема шољата за кафе и ја фрла кон нив, погодувајќи го во образот пратеникот на Алијанса, Хилми Азири. Потоа ја фрла и тацната.

По неуспешниот обид на неговата сопартијка од ДУИ, пратеничката Арта Биљали-Зендели да го смири, подавајќи му пластично шише со вода за да се напие, Адеми и шишето го фрла кон пратениците кои стојат и се расправаат со него. Инцидентот се смирува откако реагира собраниското обезбедување кое го носи претседателот на Комисијата надвор од салата.

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците се обидуваат да го спречат донесувањето законско решение со кое за да не се предизвика парализа на правосудниот систем, по предлог на Министерството за труд и социјална политика, на 60 судии и на 13 обвинители кои во септември треба да се пензионираат им се продолжува работниот ангажман за три години, период во кој од Академијата за судии и обвинители треба да излезе новата генерација нивни наследници.

Нивна клучна забелешка е тоа што ова решение не се носи по редовен пат, туку по скратена постапка.