Проблемот на актуелната Влада во градењето на еден конзистентен, двонасочен и успешен македонско-бугарски комуникациски дијалог се состои во начинот на кој што таа влада дојде на власт. Политичкото насилство воедно со боите на шарената револуција гп воведе волунтаризмот на политичката акција на коалицијата СДСМ и ДУИ и вулгаризацијата на реформскиот процес на прифаќање на европските реформи, односно приопштувањето на европските вредности кон македонскиот вредносен систем како единствена привилегија на таа коалиција, истакна Марјан Ѓорчев на денешната трибина организирана во просториите на ВМРО-ДПМНЕ, насловена „Ќе има ли владина одговорност за трајното нарушување на националните интереси?“
Ѓорчев посочи дека начинот на кој се влезе во процес на потпишување на договорот со Бугарија, тогашната Влада предводена од двоецот Зоран Заев и тогашниот министер за надворешни работи, Никола Димитров беше апсолутно погрешен кој што се базираше на ад хок стратегија која ја немаше во предвид бугарската позиција која што е градена 130 години и во која основа се состои синтагмата дека македонизмот не може во Европската Унија.
„За жал, во контекст на нашиот македонско-бугарски дијалог, начинот на кој што тогашните претставници од таа влада, двоецот Заев-Димитров влегле во подготовката на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, беше апсолутно погрешен базиран на ад хок стратегија, стратегија која што ги немаше вековните тенденции на бугарската држава за негација и на македонската во современ облик и пред тоа на македонскиот јазик, македонската култура и историја. Така што, уште тогаш владата немаше претстава силината на бугарската позиција која што е градена повеќе од 130 години и која што во основа се состои во една синтагма, Македонија како втора бугарска држава може во Европа, меѓутоа македонизмот не“, вели Ѓорѓев.