Петков за Гардијан: Се плашам дека Бугарија ќе ја омекне позицијата кон Русија

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков за „Гардијан“ пред гласањто за недоверба на неговата влад изјави дека неговата коалиција се соочува со два проблема: коруптивни интереси и проруско влијание во Бугарија, за кои рече дека „ги здружиле силите“ за да ја соборат неговата влада.

Британскиот весник ја забележува неочекувано силната проукраинска позиција што ја зазеде владата на Петков и покрај традиционалните врски на Бугарија со Русија, од каде пред војната доаѓаше околу 90 отсто од снабдувањето со природен гас во земјата.

Поради внатрешнополитичката криза, премиерот Петков стравува дека Бугарија ризикува да се врати на својата„традиционална улога на мека земја“ во критикувањето на Русија.

Доколку Петков не успее да формира нова коалиција, откако утре ќе го врати мандатот и ќе му биде врачен нов, тој стравува од „драстична промена“ во поддршката на Бугарија за Украина, пишува „Гардијан“.

Кирил Петков, исто така, ја наведува како опасност за диверзификацијата на енергетските испораки можноста привремената влада брзо да склучи договор со Газпром, како резултат на што Бугарија ќе се согласи на шемата за плаќање на гас во рубљи.