Вучиќ: Сит сум од игрите на ЕУ

Не беше фер Србија во Брисел да очекува дека ќе добие отворање на нов кластер, кога Северна Македонија 17 години има статус на кандидат за членство со ЕУ, а Албанија осум години, а и двете не добија датум за почеток на преговори, па затоа наше беше да покажеме солидарност и со братскиот македонски народ и пријателскиот албански народ, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, одговарајќи на новинарско прашање за тоа какова порака праќа Брисел со доделувањето кандидатски статус на Украина и Молдавија, а Западниот Балкан не бил суштинска тема.

Во врска со иницијативата „Отворен Балкан“ и односот на ЕУ, Вучиќ истакна дека е „сит од игрите на ЕУ“.

– Сит сум од тие игри на ЕУ и игрите на луѓето од регионот секогаш гледајќи како да се оцрниме едни со други, за да овие можат да се играат со нас како марионети. Затоа „Отворен Балкан“ е многу важен и затоа така страсно, иако имав благ и балансиран речник, ги подржав нашите браќа и пријатели, кои имаа големи очекувања, а не беа исполнети. Говорам пред се за Македонците, кои чекаа одобрување од бугарскиот Парламент, но не и одобрување кое ќе значи дека мораат повторно да го менуваат Уставот или не знам што се, што е секако на нив да се договорат, изјави Вучиќ.