Димитриеска-Кочоска: Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата

Владата на денешната вонредна седница донесе Одлука за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, со што се овозможува намалување на акцизата на нафтените деривати, а со тоа и намалување на цените на бензинот и дизелот, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на својот Фејсбук-профил, посочувајќи дека Владата продолжува со проактивен пристап во справувањето со последиците од кризата на Блискиот Исток.

Владата на денешната вонредна седница донесе Одлука за определување на видот на енергентите, временскиот период, како и начинот на пресметка на акцизата, со што се овозможува намалување на акцизата на нафтените деривати, а со тоа и намалување на цените на бензинот и дизелот, информираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска преку објава на својот Фејсбук-профил.

Владата, како што посочи министерката за финансии, продолжува со проактивен пристап во справувањето со последиците од кризата на Блискиот Исток.

-Внимателно ја следиме состојбата и реагираме навремено, со цел да ги заштитиме стопанството и животниот стандард на граѓаните- наведе министерката во објавата.

Димитриеска-Кочоска истакна дека со интервенцијата во акцизата ќе се придонесе за стабилизирање на цените на нафтените деривати, а индиректно и за одржување на стабилноста на останатите цени.

-Со ваков одговорен пристап ќе продолжиме и во наредниот период. Ќе ја следиме состојбата и ќе носиме навремени, конкретни и реални мерки за поддршка на економијата и граѓаните, со цел да го заштитиме животниот стандард и да ја зачуваме економијата, која од почетокот на нашиот мандат бележи тренд на забрзан раст, наведува министерката во објавата на Фејсбук.