Новиот закон овозможува државни и приватни дата-центри, вели Николоски

Со новите законски решенија за урбанистичко планирање и градење надмината е досегашната правна празнина и создадена е рамка за изградба на дата-центри во државата. Иако сè уште нема конкретни иницијативи од приватниот сектор, државата сериозно размислува за изградба на државен дата-центар со цел заштита на институциите и зголемување на кибер безбедноста – посочи министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски, денеска, по увидот во реконструираната улица „Лазар Димитров“ во општина Кисела Вода.

Со новите законски решенија за урбанистичко планирање и градење надмината е досегашната правна празнина и создадена е рамка за изградба на дата-центри во државата. Иако сè уште нема конкретни иницијативи од приватниот сектор, државата сериозно размислува за изградба на државен дата-центар со цел заштита на институциите и зголемување на кибер безбедноста – посочи министерот за транспорт и вицепремиер, Александар Николоски, денеска, по увидот во реконструираната улица „Лазар Димитров“ во општина Кисела Вода.

Одговарајќи на новинарски прашања за локациите на овие центри и усогласувањето на подзаконските акти, тој нагласи дека примарната цел е да се фати чекор со светските трендови во оваа област, која досега воопшто не била регулирана.

„Сакавме да фатиме чекор со времето имајќи предвид дека ова е она што го прави светот бидејќи кај нас законската регулатива воопшто го немаше предвидено. Бевме во една сива зона, ниту беше забрането ниту беше дозволено, и сметавме дека е добро да ја уредиме оваа материја. Досега од приватен инвеститор не дошла иницијатива за ваква инвестиција. Се надевам дека ќе дојде во следниот период. Инвестицијата може да е државна и може да е приватна. Мислам дека е паметно за Македонија во идниот период да размислува за една државна инвестиција за да ги заштитиме државните институции. Се сеќавате што се случуваше, на пример, со Фондот за здравство пред некоја година, така што од безбедносни причини мислам дека е паметно за нас како држава да се заштитиме и да имаме систем што целосно го контролира“, посочи Николовски.

Во однос на обезбедувањето на просторот и начинот на реализација, Николоски појасни дека пристапот ќе зависи исклучиво од тоа дали станува збор за државен или за приватен проект.

„Доколку правиме таков државен дата-центар, тогаш секако локацијата ќе ја обезбеди државата. А доколку се работи за приватна инвестиција, тогаш целокупната инвестиција, и во купување земјиште и во урбанизација, ќе биде на приватниот инвеститор. А како што кажав, досега немаме таков инвеститор, што значи дека и ние кога го носевме законот, иако знам дека остави некој впечаток дека наменски го носиме, не го носевме наменски, туку сакавме да создадеме правна рамка за потенцијални и за инвеститори и за инвестиции. Дали тие ќе дојдат за една година, за пет или за десет… Ние сега рамката ја имаме“, вели Николоски.

Прашан дали идејата е ваквата инфраструктура да биде наменета за државната администрација и за образовните институции за поевтино користење, тој истакна дека процесот би требало да биде во надлежност на Министерството за дигитализација потенцирајќи ја неопходноста од организиран безбедносен систем наместо досегашната практика на изнајмување ресурси.

„Мое мислење е, секако, на ниво на Влада треба да донесеме одлука дека процесот би го водело Министерството за дигитализација, но мислам дека е паметно да размислуваме во оваа насока затоа што сега ние сите изнајмуваме, а изнајмуваме најчесто од „Мајкрософт“ или „Телеком“. Начелно тоа е во ред, но никогаш не се знае, повторувам, знаете што се случи со Фондот за здравствено осигурување, а имаше и одредени други такви ситуации. Некои институции сами прават заштита и нема еден организиран систем, така што е паметно како држава, безбедноста не е само во војска и во полиција, и ние да се заштитиме. Со ова веќе имаме правна рамка да се заштитиме како држава“, рече Николоски.