Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Берлин учествуваше на министерска конференција на тема „Uniting for Global food security“, организирана на иницијатива на германската Влада во соработка со земјите членки на Г7 во која членуваат седум држави со најнапредни економии.
Николовски во обраќање пред присутните изразил свое видување на глобалната криза, предизвикана од воениот конфликт кој ја афектираше македонската економија, земјоделското производство, трговската размена и снабдувањето со храна.
- Земјоделството се соочува со застрашувачки предизвик за производство на повеќе храна за да се задоволат потребите за исхрана на растечката светска популација, а во исто време се справува и со климатските промени и постојаното заострување на ограничувањата на природните ресурси. Овој предизвик е уште покомплексен со фактот дека доколку безбедната храна не е достапна, несигурноста и неухранетоста ќе продолжат. Дополнително, доколку земјоделците и земјоделските работници не остварат пристојни приходи, сиромаштијата ќе расте, а земјоделството ќе пропадне, истакнал министерот.
Тој посочил дека транзицијата може да се забрза кон поодржливи системи за храна преку раст на земјоделската продуктивност што ја оптимизира одржливоста на земјоделството низ социјалните, економските и еколошките димензии.
Северна Македонија, активно учествува во спроведувањето на политиките за трансформација на глобалните прехранбени системи за да се постигнат целите за одржлив развој поставени од земјите членки на Обединетите нации, навел Николовски.
Министерската конференција, стои во соопштението, опфати размена на позитивни резултати од преземени мерки за справување со кризата, а Северна Македонија имаше позитивно искуство како единствена земја во регионот која воведе Интервентен фонд за поддршка на земјоделскиот сектор со што овозможивме субвенционирана набавка на вештачко ѓубриво за пролетна и есенска прихрана на стратешките култури (пченица, јачмен, пченка и сончоглед), поддршка на секторот сточарство и млекопроизводство, како и поддршка за главните извозни производи (зеленчук, овошје и вино). Резултатите од формирањето на Интервентниот фонд, нешто што се направи за прв пат во нашата земја но и во регионот, беа одлично прифатени од земјоделците.