Десетина пожари на отворено денеска, еден е сè уште активен — гори кај Белица во Македонски Брод

До 18 часот денеска биле евидентирани вкупно 11 пожари на отворено. Од нив, еден сè уште е активен, еден е под контрола, а девет се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

До 18 часот денеска биле евидентирани вкупно 11 пожари на отворено. Од нив, еден сè уште е активен, еден е под контрола, а девет се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Активен останува пожарот во Општина Македонски Брод, во атарот на селото Белица, каде што гори нискостеблеста вегетација. На терен се упатени екипи на ТППЕ Македонски Брод и ЈП „Јасен“, а во гаснењето треба да се вклучат и два „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

Под контрола е пожарот во Општина Брвеница, кај селото Милетино, каде што била зафатена ниска вегетација.

Во текот на денот се изгаснати девет пожари. Во Општина Ѓорче Петров, кај селото Кучково, горела деградирана ниска вегетација, а во Општина Велес бил изгаснат пожарот кај селото Црквино.

Пожари се изгаснати и кај селото Црвени Брегови во Општина Неготино, кај селото Стојаково во Општина Богданци и кај селото Добрејци во Општина Струмица, каде што горела ниска, односно нискостеблеста вегетација.

ЦУК соопшти дека е изгаснат и пожарот кај манастирот „Св. Јоаким Осоговски“ во Општина Крива Паланка, како и пожарот кај селото Царевиќ во Општина Прилеп, каде што огнот зафатил ниска вегетација во шумски предел.

Изгаснати се и пожарите кај селото Нов Караорман во Општина Карбинци, каде што биле зафатени жито и деградирана ниска вегетација, како и кај селото Смојмирово во Општина Берово.

Од Центарот за управување со кризи велат дека надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на терен и интервенираат по сите пријави.