
(ВИДЕО) Трошановски: Фракционерството во СДСМ направи длабоки тектонски промени
➡Околу најавите на Мицкоски дека нема повеќе да се кандидира за лидер, ниту пак за претседател на државата, Трошановски смета дека делумно тоа е позната политичка стратегија или техника на држење на гласачкото тело во постојана будност, неизвесност. ➡Говорејќи за постојаната конфронтација во собранието, помеѓу власта и опозицијата, како и тоа дека законодавниот дом е преплавен со амандмани од опозицијата во однос на изборниот законик и дали токму изборниот законик може да предизвика своевидна политичка криза, Трошановски вели дека ова ја открива една димензија на нашиот политички живот која што сите добро ја знаеме, а тоа е дека многу малку работи се градат со консензус. ➡Околу Лимакс групацијата, или дел од поранешното раководство на СДСМ, односно оние кои се собраа со намера да создадат реформи, или можеби нова групација за освежување на политичката сцена и оцената на актуелното раководство кое ова го окарактеризира како квислинзи, Трошановски е на став дека фракционерството во СДСМ направило длабоки тектонски промени. ➡Од друга страна, оваа ситуација е крајно неповолна и за двете страни. Ниту едната го добива тоа што го сака. За Бугарија тоа што Македонија ја оддалечува бескрајно од себе си секако дека не е во интерес, ниту национален ниту европски. Од наша страна пак, стоењето во место на ова прашање не ни носи никаква корист. Мислам дека насоката е во „паметни“ уставни измени коишто ќе ни обезбедат нас колку што е можно повеќе од натамошни злоупотреби во преговорите со ЕУ, а направени од страна на Бугарија. Меѓутоа дека треба да ги направиме истите преку креативни решенија, апсолутно поддржувам такво стојалиште, смета Трошановски.
„Во суштина она што ни е нас како структурна реформа е истрасирано со реформската агенда, и тука покрај иницијалното доцнење, во првиот квартал гледаме дека имаше забрзување, тоа беше потврдено од ЕУ, и во тој дел владата е на прав пат. Што се однесува дали се работи за козметички решенија, треба допрва да видиме дали тие министерства што добија нови министри, ќе продолжат со исто темпо, или ќе каскаат во својот перформанс зависи од кандидатите коишто беа номинирани за министри. Но рано е да се зборува за козметички решенија. Кај нас на некој начин тоа е традиционална политичка мантра после секоја реконструкција. Одма по дифолт соопштението како да е спремно од опозицијата. Меѓутоа треба бидеме коректни и да кажеме дека е добро секоја влада да има освежување на одредени ресори, кај што имало замор или каде што потфрлило министерството“, изјави во „Трилинг“, Марко Трошановски од Институтот за демократија, околу тоа дали од новата влада може да се очекуваат структурни реформи или само се работи за козметички решенија.
Околу најавите на Мицкоски дека нема повеќе да се кандидира за лидер, ниту пак за претседател на државата, Трошановски смета дека делумно тоа е позната политичка стратегија или техника на држење на гласачкото тело во постојана будност, неизвесност.
„На некој начин тоа го задржува вниманието на гласачите на политичкиот живот и политичката сцена, како и на оној што ги дава тие изјави, со што на нему му се дава одредена политичка релевантност, важност, публицитет, постојана актуелност. Тоа е една причина. Втората причина е опипување на електоратот и на неговото расположение, во смисла на најавување па одјавување на вонредни политички избори. Тука би рекол дека ако најавувате со време избори, тоа би значело можност за консолидација на опозицијата или на другите политички конкуренти, да се подготват за истите. Мислам дека никој, воопшто во политичката пракса, не прави најави прерано на политички избори. Така што повеќе би рекол дека е опипување на пулсот кај гласачите и нивно држење во постојана будност, или политичка мобилизација на електоратот за да не се застрани во летаргија, во намалена излезност, или во опозиционо расположение“, вели Трошановски.
Говорејќи за постојаната конфронтација во собранието, помеѓу власта и опозицијата, како и тоа дека законодавниот дом е преплавен со амандмани од опозицијата во однос на изборниот законик и дали токму изборниот законик може да предизвика своевидна политичка криза, Трошановски вели дека ова ја открива една димензија на нашиот политички живот која што сите добро ја знаеме, а тоа е дека многу малку работи се градат со консензус.
„Очигледно дека тоа што првично и начелно било договарано е поразлично од она што како крајно решение излегло пред пратениците. Во таа смисла револтот на Левица или на СДСМ резултира со расположливи механизми меѓу кои и стандардната шема на затрупување на законодавниот процес со амандмани. Мислам дека насоката во која треба да се оди е да не се користат итроштини, или во краен момент заобиколување на договорените обврски, туку реално да градиме консензуално политики, особено кога станува збор за изборниот законик којшто е еден од клучните закони кај нас.
-Од измените што ги видов мислам дека главната тема на изборниот модел не е допрена, што е клучно за освежување на политичката понуда. Делот на отворените листи воопшто не е земен предвид. Барем на локално ниво, 1% од пратениците да се гласаат преку отворени листи, нешто што ќе овозможи да диши нашата политичка сцена преку понуда на поквалитетни, не нужно само лојални, туку и компетентни кадри од страна на политичките партии. Заобиколувајќи вакви важно прашања или отстапувајќи од договореното, секогаш исходот е вакви блокади што ги прави сега опозицијата. Не верувам дека тоа ќе резултира со политичка криза, мислам дека во најмала рака ќе го одложи носењето на изборниот законик, како што и најави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, за некој следен период доколку не се дојде до некое решение, и можно е да не се изгласа тој законик и на следните избори, ако се тие вонредни, да одиме со старото законско решение, коешто вака скроено е поволно за доминатните партии, и тие немаат што да изгубат, и со ваков изборен законик којшто им дава многу пари, им обезбедува да продолжат да владеат, менувајќи се едни со други“, вели Трошановски.
Околу Лимакс групацијата, или дел од поранешното раководство на СДСМ, односно оние кои се собраа со намера да создадат реформи, или можеби нова групација за освежување на политичката сцена и оцената на актуелното раководство кое ова го окарактеризира како квислинзи, Трошановски е на став дека фракционерството во СДСМ направило длабоки тектонски промени.
„Неколку групации и сега во партијата, и оние што поранешни функционери кои се исклучени, како и ЗНАМ, продолжува да предизвикува поделби во самата партија. Тоа не е поволно за СДСМ како опозициона партија, и разбирам делумно, што од политичко-тактички причини, веднаш некои инцијативи ги доживува како своја закана и ги става веднаш на критика, без многу што да се знае за намерата на тие иницијативи. За волја на вистината и ние сите многу малку знаеме, бидејќи многу малку излезе во медиумите од тоа што е разговарано.
-Од тоа што можев да го видам е дека таму има луѓе со интегритет, со компетенции коишто разговараа на одредени теми, според нив важни за земјата. Јас би охрабрил секаков тип на политички дискусии коишто може да му додадат на нашиот политички јавен простор, на нашата политичка дебата, нова вредност, нови идеи, за тоа како, а не само каде треба да се движи земјата, бидејќи на некој начин актуелните партии, односно политичката комуникација е сведена на дневни соопштенија, лични препирки помеѓу партиите и , и не нуди некоја свежа нова перспектива, конкурентна перспектива од оваа што ја има владата, за тоа каде треба да се движи Македонија“, вели Трошановски.
Тој смета и дека на Македонија и е потребен нов општествен договор.
„Потребен и е затоа што гледаме дека ДУИ има целосно поинакво разбирање на Охридскиот рамковен договор од тоа што го имаат македонските партии, во делот до каде треба да оди таа консоцијалност на нашата држава, што е на некој начин основниот општествен договор на којшто почива Македонија по 2001-та година. Очигледно постои голема поделба помеѓу политичките партии во аспект на визиите каде треба оди земјата. Дури и на некои места има непомирливи разлики како што е случајот со темата на Бугарите во Уставот и уставните измени. Така што мислам дека мора овие политички теми да се обидеме да ги изградиме врз основа на национален консензус“, смета Трошановски.
За тоа дали е оправдан отпорот на власта во однос на внесување на Бугарите во Уставот, но не по секоја цена, како и сомнежот дека и со евентуалното изгласување на уставните промени и внесување на Бугарите во преамбулата тука нема биде крајот на барањата од официјална Софија, Трошановски вели:
„Според тоа како стојат досегашните констелации од страна на бугарските претставници, секако дека со уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот, нема да завршат обврските коишто Македонија ги има кон Протоколот како составен дел од преговарачката рамка. Во тој случај е оправдано да се смета дека обврските нема да завршат со уставните измени.
-Од друга страна, оваа ситуација е крајно неповолна и за двете страни. Ниту едната го добива тоа што го сака. За Бугарија тоа што Македонија ја оддалечува бескрајно од себе си секако дека не е во интерес, ниту национален ниту европски. Од наша страна пак, стоењето во место на ова прашање не ни носи никаква корист. Мислам дека насоката е во „паметни“ уставни измени коишто ќе ни обезбедат нас колку што е можно повеќе од натамошни злоупотреби во преговорите со ЕУ, а направени од страна на Бугарија. Меѓутоа дека треба да ги направиме истите преку креативни решенија, апсолутно поддржувам такво стојалиште, смета Трошановски.
Интервјуто може да го погледнете во видеото