
Буркина Фасо, Мали и Нигер го покренаа едногодишниот процес за повлекување од Меѓународниот кривичен суд (МКС), соопшти овој суд.
Овие три западноафрикански земји, во кои на власт е воен врв, во септември минатата година го најавија повлекувањето од МКС, осудувајќи го како „средство за неоколонијална репресија“.
Сите три земји се борат против исламистички бунтови во кои бунтовниците зазедоа големи делови од териториите и во текот на оваа година ги засилија нападите врз воени цели. Групите за човекови права ги обвинија милитантите, како и вооружените сили на Буркина Фасо и Мали за можни воени злосторства.
Претседателството на управното тело на МКС во соопштение потврди дека Мали, Буркина Фасо и Нигер го покренале едногодишниот процес за повлекување од Римскиот статут, договорот со кој е основан судот.
Во соопштението се наведува дека овој потег претставува ризик за глобалните напори за ставање крај на неказнивоста и дека го поткопува стремежот кон правда. Трибуналот ги повика трите земји да останат посветени на статутот. Исто така, во соопштението се додава дека одлуката за повлекување не ја ослободува државата од обврските настанати додека сè уште била потписничка на договорот.
МКС претставува постојан светски трибунал за воени злосторства, кој ги гони поединците обвинети за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства тогаш кога националните судови не се во можност да дејствуваат.