ЕУ ќе ги пренасочи средствата од реформскиот фонд кон Црна Гора, Албанија и Македонија

ЕУ ќе ги пренасочи средствата од реформскиот фонд за Западен Балкан кон земјите што се предводници во процесот — Црна Гора, Албанија и Македонија — бидејќи другите земји тешко ги исполнуваат реформските рокови, објави „Еуроњуз“.

ЕУ ќе ги пренасочи средствата од реформскиот фонд за Западен Балкан кон земјите што се предводници во процесот — Црна Гора, Албанија и Македонија — бидејќи другите земји тешко ги исполнуваат реформските рокови, објави „Еуроњуз“.

Европската комисија планира да ги прераспредели средствата од инструментот создаден за финансиски да ги поттикне земјите од Западен Балкан да ги спроведат реформите потребни за членство во ЕУ, во корист на земјите „предводници“, изјавија за „Еуроњуз“ двајца претставници на ЕУ.

Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан беше воспоставен во 2024 година со цел да им обезбеди финансиска поддршка на земјите кандидатки од регионот, но под строги услови, пред сè спроведување на реформите неопходни за пристапување во Унијата. Инструментот го опфаќа периодот од 2024 до 2027 година, со амбиција во следната деценија да се удвои големината на економиите на Западен Балкан.

Сепак, според податоците на самата Европска комисија, досега од инструментот се исплатени само околу 673 милиони евра, од вкупно достапните 6 милијарди евра. Речиси сите исплатени средства завршиле кај само три од шесте земји кандидатки.

Црна Гора, Албанија и Македонија, пишува „Еуроњуз“, се најнапредни во пристапниот процес, благодарение на нивните домашни реформски агенди. Босна и Херцеговина, Косово и Србија, пак, генерално се сметаат за земји што заостануваат. Инструментот бара реформите да бидат завршени во договорените рокови. Ако некој рок не се исполни, Комисијата може да задржи дел или целосно да ги запре средствата што се поврзани со тој услов. Корисниците имаат една година за да ги исполнат условите пред средствата да бидат прераспределени, со исклучок на првата година, кога рокот е продолжен на две години. Тоа значи дека крајот на јуни беше првиот таков рок.

Како што е наведено во регулативата, кога реформските чекори не се исполнети и рокот на грејс-периодот е истечен, соодветните средства може да бидат прераспределени меѓу другите корисници. Во однос на чекорите што требаше да бидат исполнети до 30 јуни 2026 година, Комисијата сега ќе спроведе сеопфатна и објективна процена кај сите корисници — изјави портпарол на Европската комисија за „Еуроњуз“. Со други зборови, Комисијата планира да ги прераспредели непотрошените средства кон земјите за кои ќе се оцени дека постигнале најголем реформски напредок. Тоа се Црна Гора и Албанија, таканаречените предводници, како и Македонија, која, исто така, има добри резултати во реформите.

Босна и Херцеговина е во најлоша позиција Најголем губитник, пишува „Јуроњуз“, според очекувањата, ќе биде Босна и Херцеговина, која досега не добила никакви средства од инструментот бидејќи не успеала да спроведе ниедна од потребните реформи — главно поради сложената институционална структура. Косово и Србија, исто така, се очекува да бидат во понеповолна положба, иако веќе добиле дел од исплатите. Оваа состојба беше потврдена уште во април, кога еврокомесарката за проширување Марта Кос испрати писмо до сите земји од Западен Балкан, повикувајќи ги да ги забрзаат реформите или да ризикуваат да ги загубат достапните средства од овој инструмент.

Претставници на ЕУ нагласуваат дека инструментот претставува поттик за спроведување реформи: Комисијата не им одзема пари на земјите, велат тие, бидејќи државите и онака немале право на тие средства ако не ги испорачале договорените реформи.

— Тоа е како работа на час. Добиваш плата само за работата што навистина си ја завршил — изјави претставник на ЕУ.

Се очекува Комисијата подоцна овој месец да им достави повеќе детали на земјите членки, вклучително и колку средства ќе бидат прераспределени. Меѓу другите можни опции се дополнителните средства рамномерно да се поделат меѓу сите земји од Западен Балкан за техничка помош, да се префрлат кон други земји-кандидатки надвор од регионот или дури да се вратат во буџетот на ЕУ.

— Реформите мора да останат приоритет за корисниците, за да го искористат максимумот од она што го нуди Планот за раст — изјави портпаролот на Европската комисија.