
Претседателот на СДСМ Венко Филипче ја нападна новата политичка иницијатива „Разговори за иднината во 12.05“, велејќи дека „е фејк“.
– Ние знаеме што е ова. И знаеме зошто се прави. Постои Фронтот за вистина и правда. Сè друго е фејк. Наместо да одат на таков собир, нека го отворат Фејсбук профилот на Латас, нека ја вклучат Алфа ТВ – таму имаат доволно „различно мислење“ кое секојдневно го труе народот со лаги, со измислени непријатели на Македонија, на идентитетот, јазикот и на културата, изјави Филипче.
Тој се осврна и на партијата ЗНАМ.
– Сега, кога знаеме дека еднаш веќе беше направен еден ЗНАМ од страна на Мицкоски и од група луѓе кои прво ја предадоа својата партија, а потоа и своите гласачи, и тоа служеше за да се претопат гласовите на опозицијата во гласови за Мицкоски и неговата банда – тогаш одењето на собир кој го организираат истите тие луѓе, не бара многу објаснување – рече Филипче.
Дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на СДСМ денеска го промовираа новото политичко движење, кое, според нив, треба да ја реафирмира социјалдемократската идеја, за која сметаат дека не е артикулирана добро од страна на СДСМ под водство на актуелниот лидер Венко Филипче.
Партијата СДСМ ја нарече иницијативата „проектот ЗНАМ 2.0“.
„Додека вчера овие луѓе беа ништо – без структура, без име, без јасна порака, денес одеднаш излегуваат со „јасна платформа за иднината на Мицкоски“. Ова не е случајност. Ова е проектот ЗНАМ 2.0. Мицкоски прво се обиде да ја провлече оваа платформа преку СДСМ, за да создаде поделба внатре во партијата. Кога тоа не му успеа, сега го прави самостојно. Го лансира новиот Максим Димитриевски и неговата екипа“, соопшти СДСМ.