ССМ и денеска го продолжува штрајкот во јавниот сектор барајќи линеарно зголемување на платите за 2.806 денари и враќање на правото за регрес на годишен одмор.
Денеска ќе се организира протест пред Министерството за финансии.
Вчера ССМ организираше протестен собир пред зградата на Владата, во рамки на активностите од генералниот штрајк.
„Работникот дојде по ветеното и своето“ – порача вчера претседателот на ССМ – Дарко Димовски од пред Владата и повика да се реши проблемот, преку амандман со ребалансот на Буџетот или со општиот колективен догвовор, укажувајќи дека за разлика од 1. мај кога им ветиле повисока плата вчера никој не ги пречекал.
„Протестираме пред Владата да побараме поддршка од 21 министер за предлогот на ССМ за линеарно зголемување на платоте за 2806 денари, но за жал не не пречекаа како за 1-Ви Мај.Тогаш кажаа дека за сите ќе има линеарно зголемување на платите со ребалансот на Буџетот, но денеска ги нема. Затоа јавно апелирам и кажувам работникот си дојде по ветеното, работникот си дојде по своето бидејќи ние немаме друг начин како да издржиме во оваа економска криза. Немаме друг начин како да ја издржиме инфалцијата. Затоа ја повикувам целата Влада на чело со премиерот да го решиме проблемот што поскоро, сакаат преку амандман во Собранието, сакаат со Општиот колективен договор во јавниот сектор“ – изјави Димовски.
Штрајкот ќе се одвива секој ден од 10 до 11 часот, така што вработените во јавниот сектор во тој период ќе го прекинат работниот процес и ќе излезат надвор, а само десет проценти од нив ќе работат онаму каде што е потребно за итни случаи.
Од Синдикатот се задоволни од текот на штрајкот кој најавија дека ќе трае се до исполнување на барањата.