За три години становите поскапеле дури до 20%
Неофицијалните податоци на консултантската компанија „ФОРТОНМКА“ покажуваат дека цената на становите во Скопје нема да се намалува, а пазарот ќе се сегментира во премиум станови на живеење.
Оттаму информираат дека во периодот од 2019 до 2021 година, становите поскапеле за 20%, а само во Скопје лани се продадени приближно 4.500 станови.
„Иако со релативно ниска стапка на поврат на инвестицијата во однос на другите облици на инвестирање, инвестирање во купување на станови сè уште претставува најсигурен и најатрактивен облик на инвестиција за македонските граѓани“ – информираа денеска на прес-конференција од ФОРТОНМКА, специјализирана компанија за обезбедување на услуги за комерцијален недвижен имот на локално и интернационално ниво.
Минатата година не само што е достигнато нивото на продажба пред пандемијата, туку на годишно ниво е зголемено, со оглед дека во 2019 година во Скопје се продадени 3.388 станови.
„Пандемијата немаше значително влијание ниту врз испораката ниту врз продажбата на нови становите, но сепак е евидентирано зголемување на продажните цени по квадратен метар цената, кое не е заради побарувачката и испораката на становите, туку е директен резултат на зголемувањето на цените на цените на градежните материјали. Во тој контекст многу е тешко да се предвиди дали тие ќе се намалуваат или не, бидејќи зборуваме за фактори кои зависат од глобалните економски трендови и сегашните цени ќе бидат основ на кои ќе се формираат цените на подолг рок“ – рече Катерина Николов, оперативен директор на ФОРТОНМКА.
Во 2021 година се издадени одобренија за градење за 7894 станбени единици.
„Во однос на порастот на цените што е евидентен направивме една споредба за периодот од 2019 до 2021 година и вкупната вредност изнесува 20 проценти“ – рече Николов.
Од вкупно испорачаните станови, 65 проценти се во Аеродром и Карпош, а просечната големина на становите што се продаваат е зголемена за неколку квадрати и се движела од 67 во 2018 година до 71 квадратни метри во 2021 година.